Четири угосттелски објекти во Охрид добија кривични пријави поради непочитување на мерките за спречување на ширење на коронавирусот, информираше претседателката на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска-Грашкоска. Таа посочи дека деновиве реализирани се вкупно 4.194 вонредни инспекциски надзори, од кои најголемиот број односно 2.574 се инспекции поврзани со почитување на протоколите за отворање и работа на кафетерии и угостителски објекти кои послужуваат храна, додека останатите се однесуваат на проверка на почитувањето на уредбата за замрзнатите цени на определени производи и поставување ред и дисциплина при влез и во внатрешноста на објектите.

Од специфичните наоди при извршените контроли во трговски објекти на големо и мало, угостителски објекти, бензински станици, банки, пошти и обложувалници, инспекторите детектирале вкупно 15 прекршувања на протоколите за отворање и работа на угостители, за што се предложени и соодветни кривични санкции за четири објекти во Струмица и Дојран, за четири објекти во Охрид, два објекти во Гостивар, по еден објект во Битола, Струга, Пониква, Маврово и Прилеп. Воедно констатирани се и вкупно 20 прекршоци во трговија за непочитување на одлуките за лична заштита и ред или за прекршување на уредбата за замрзнати цени, при што е укажано на правните лица и веднаш постапено. – посочи претседателката на Инспекцискиот совет.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, најави засилена контрола на почитувањето на протоколите во кафетериите и угостителските објекти. Покрај инспектори на Државниот пазарен инспекторат во контролите ќе учествуваат и инспектори од финансиската полиција, кои имаат право да легитимираат лица, а кои подоцна би можеле да бидат и сведоци во поведени кривични постапки во случај на прекршување на протоколите, истакна Пауновски.

OhridNews