Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело ,,загрозување на сигурноста“, отсекот за компјутерски криминал при СВР Охрид, поднесе кривична пријава против 22-годишен охриѓанец, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски. Пријавениот, на 12 јуни оваа година околу 23 часот, преку профил на социјалната мрежа „Фејсбук“, чиј администратор бил, објавувал статии со заканувачка содржина.

Од СВР информираат за уште една кривична пријава поднесена поради постоење основи на сомнение за вкупно сторени 13 казнени дела „тешка кражба“. Кривичната пријава е поднесена против 30-годишен охриѓанец кој казнените дела ги извршил во периодот јули-ноември, годинава, во повеќе деловни објекти и куќи во Охрид употребувајќи физичка сила и подесен алат.

  • По насилното отворање на вратите, вршел пребарување по што одземал пари, колонијални производи, златни и други вредни предмети. Со извршувањето на казнените дела, пријавениот се стекнал со противправна имотна корист од 369 121 денари, информира Димоски.

Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело ,,предизвикување на општа опасност“, поднесена е кривична пријава и против 32-годишен охриѓанец, кој на 16 ноември годинава, во видно алкохолизирана состојба влегол во угостителски објект лоциран на улицата „Владо Малески“ во Струга и започнал да упатува навредителни и заканителни зборови кон присутните гости. Потоа извадил пластичен пиштол и пластична рачна бомба со што предизвикал страв кај присутните лица. Пријавениот веднаш бил приведен во полициска станица.

OhridNews