Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 64- годишен охриѓанец.

– Пријавениот, во текот на минатата година, во својство на службено лице-лиценциран работник за извршување на стручни работи на шуми во приватна сопственост овластен од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство на Република Македонија, како и управител на ДООЕЛ од Охрид, ги пречекорил своите овластувања и свесно не ги извршил должните службени обврски. Тој не извршил уплата на надоместокот за проширена репродукција на шуми во корист на буџетот на Република Македонија, што претходно во периодот март-јули 2014 година повеќе приватни баратели на одобренија на сеча ги уплатиле во неговата приватна фирма. Со тоа, пријавениот го оштетил  буџетот на Република Македонија  во вкупен износ од 22.488 денари, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Иако не постоела задолжителна законски предвидена документација-геодетски елеборат, пријавениот на едно физичко лице му издал одобрение за сеча и му потпишал испратници за испорака и подигнување на 42 м-3 дрвна маса, со што се стекнал со противправна имотна корист од 10.605 денари, а на сопственикот на шумата му овозможил корист за сеча и продажба на 42 м3 огревни дрва.

OhridNews