Поради основано сомнение дека е сторител  на кривично дело „Примање поткуп“, СВР-Охрид поднесе кривична пријава против лицето Н.Н. роден 1967 година  од Охрид. Од страна на истражен судија му е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

Пријавениот, во својство на  службено лице -виш референт во агенцијата за катастар на недвижности-одделение Охрид на 17 ноември годинава побарал, а на 18-ти примил парична корист во износ од 20 000 денари. Поткупот, пријавениот го побарал со цел во рамките на своите службени овластувања да изврши службена обврска односно да обезбеди поседовен лист на недвижен имот со спроведување на управна постапка за добивање поседовен лист по претходно склучен купопродажен договор.

Согласно овластувањата, пријавениот како виш референт за одржување премер и катастар во Охрид бил овластен  да постапува по пријавите и барањата од странките и по службена должност да потпишува акти донесени во согласност со Законот за катастар на земјиште и Законот за општа управна постапка.

Во планската и координирана акција на инспекторите при СВР-Охрид се користени и специјални истражни средства по претходно одобрение од Истражен судија при Oсновниот суд во Охрид.

Поткупот од 20 000 денари, пријавениот го примил откако најнапред ветил  дека целата постапка за катастарска евиденција ќе ја заврши за 7 до 10 дена. Потоа, парите ги избројал и ги ставил во својата облека, по што, од страна на полициските службеници  му е  извршен личен преглед. Парите се одземени, а лицето Н.Н. веднаш е лишено од слобода и е приведено во СВР-Охрид.

извор:СВР Охрид