Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „тешка телесна повреда“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 27- годишен жител на струшкото село Велешта.

Пријавениот, на први мај оваа година со нож нападнал 21- годишен жител  на Велешта и му задал тешки телесни повреди на двете нозе.

– Настанот се случил околу 15 часот во центарот на селото во момент кога двајцата се разминувале со своите патнички моторни возила. Откако ги запреле возилата, сега пријавениот веднаш излегол и со нож го нападнал лицето забивајќи му го сечивото најнапред во левата а потоа и во десната надколеница, предизви- кувајќи му рани во ширина од осум и пет сантиметри. Веднаш потоа пријавениот избегал од местото на настанот оставајќи го тешко повредениот облеан во крв. Откако е пренесен во општата болница во Струга, врз повредениот извршен е итен оперативен зафат за санирање на повредите опасни по неговиот живот, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Подолго време кај оштетениот постоел сомнеж дека сторител на кражба од неговиот плац за моторни возила кај селото Долна Белица е сега пријавениот.  Поради тоа, меѓу двајцата постоела нетрпеливост и чести вербални расправии. Најжестока била меѓусебната расправија случена на 30-ти април минатиот месец, кога двајцата си упатиле вербални навреди а потоа и физички се пресметале. Во оваа караница се вклучиле и членови на нивните семејства. Против учесниците во тепачката поднесени се пријави и изречени им се парични глоби за учество во тепачка.  

OhridNews