Одделот за организиран криминал при МВР до Основното јавно обвинителство Охрид поднесе кривична пријава против лицето В.С. (48) поранешен директор на ЈЗО “Св.Еразмо“-Охрид, поради основано сомнение дека сторил кривично дело – злоупотреба на службена положба и овластувања.
Пријавениот за време на неговото раководење со болницата во постапка за вршење на јавна набавка му нанел штета на Фондот за здравствено осугурување на РМ во висина од 2.200.000 денари. Имено, В.С., по неговото назначување за директор на ЈЗО “Св. Еразмо“, на 18.05.2006 година дал предлог пред Управниот одбор на болницата, по што следела и позитивна одлука, за годишно одржување на апарат за компјутерска томографија (“КТ скен аура“), пришто материјалните средства за таа намена би биле, според одлуката, обезбедени од Фондот за здравствено осигурување. Пријавениот со допис се обратил до Бирото за јавни набавки при Министерството за финасии со барање за издавање согласност за јавна набавка за вршење услуга – одржување на споменатиот апарат – со преговарање без претходно да биде објавен јавен оглас, доставувајќи истовремено допис и до Стопанската комора дека фирмата “Лаб-тех“ ДООЕЛ-Скопје, е единствен сервисер во државата овластен за сервисирање на такви апарати. Но притоа не навел дека за одржување на апаратот веќе постоела склучена полиса со осигурителната компанија “Кјуби-Македонија“. По согласноста од Бирото за јавни набавки пријавениот на 18.06.2006 склучил писмен договор со фирмата “Лабв-тех“ со кој се обврзал на истата авансно да и исплати 29.000 евра, односно 2.200.000 денари. По извршениот увид во книговодствената евиденција на болницата утврдено е дека во текот на 2006 фирмата сервисер само во еден случај интервенирала пришто доставила фактура од 589.680 денари (резервни делови и работна рака). Фактурата не била книжена во книговодствената евиденција на болницата, туку таа фактура од страна на болницата заедно со пријава за штета билоа доставена до “Кјуби“ која, пак, врз основа на изготвен записник од 29.06.2006 извршила наплаќање на штетата на жиро сметката на болницата во висина од 589.680 денари.
Ваквата пракса за исплата од осигурителна компанија во болницата била присутна изминатите години, во случај на дефекти на медицински апарати. Пријавениот немал никаква потреба од авансно плаќање по потпишаниот договор со “Лаб-тех“ со оглед дека сите трошоци за евентуалната поправка биле надоместувани од осигурителна компанија.
извор:
МВР