Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава против актуелниот Директор на ЈП “Комунално” од Струга, поради основано сомнение дека сторил кривично дело “злоупотреба на службената положба и овластување” .
Пријавениот се товари дека во својство на службено лице – Директор на ЈП Комунално од Струга, во период од 18.10.2013 до 18.11.2013 година, ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што, иако бил должен да постапи согласно Законот за концесии и јавно приватно партнерство, самоволно, спротивно и на Законот за облигациони односи, противправно го раскинал договорот со приватниот партнер и при тоа му нанел претпоставена штета – испуштена корист во износ од 5.898.960 ден и покрај фактот што приватниот партнер изразил волја за соработка и надминување на еднострано наметнатите недоразбирања од страна на јавниот партнер. Имено, во Законот за концесии и јавно приватно партнерство стои дека – “Концедентот или јавниот партнер е должен во рок од 15 дена пред донесувањето на одлуката за раскин на договорот, писмено да го извести концесионерот или приватниот партнер и да го повика да ги исправи пропустите во однесувањето за да се обезбеди почитување на договорот во рокот утврден со известувањето”, додека Законот за облигациони односи наложува дека „Договорот нема да се раскине ако другата страна понуди и се согласи соодветните услови од договорот да се изменат справедливо“.
Пријавениот како овластено службено лице Директор на ЈП “Комунално”од Струга, со злоупотреба на службената положба и овластување, ја искористил околноста за што е овластен да постапуваат во дадена ситуација, со цел да му нанесе претпоставена штета-испуштена корист на правниот субјект во вкупен износ од околу 6 милиони денари.
Осомничениот, спротивно на Законот за облигациони односи пристапил кон противправно, еднострано и самоволно раскинување на договорот за јавно приватно партнерство. Образложението за прекин на Договорот, пријавениот го темелел дека при увид во тендерската документација било утврдено дека постапката е некомплетна и незаконски спроведена, а склучениот договор е штетен за ЈП “Комунално” Струга.
Во декември 2013 година економски вештак изготви записник со наод и мислење, со кој е утврдена вкупната штета на име изгубена корист односно приходи кои приватниот партнер би ги остварил до крајниот рок на важноста на Договорот во висина од околу 6 милиони денари.
Поднесена е и Тужба до Основен суд Струга, која ја усвоил и го задолжил ЈП-“Комунално” да исплати штета, а жалбата на јавното претпријатие до Апелационен суд во Битола била одбиена како неоснована.
OhridNews