Поранешниот претседател на Фудбалската федерација на Македонија, Илчо Ѓорѓиоски, сметководителката Олгица Младеновска која е првообвинета и уште 9 физички и 14 правни лица заработија кривинични пријави од Управата за финансиска полиција.

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава против лицата И.Ѓ. во својство на Претседател, О.М. во својство на Раководител на Одделение за финансии и сметководство и Т.М. во својство на раководител на Одделот за судии и судење, сите од Фудбалската федерација на Македонија, како и Ѓ.Ч. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје; Н.Л. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Сеф Компани ДОО Скопје; С.Т во својство на сопственик и управител на правниот субјект Усјепор ДООЕЛ Скопје; К.А, во својство на овластено лице во правниот субјект Км Емона ДООЕЛ Скопје; Е.Н. во својство на градежен инжинер во правното лице Балкан-Консалтинг ДОО Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правните субјекти  Биро Копирс Ирина ДООЕЛ Скопје и Принт Примус ДООЕЛ Скопје; И.Т. во својство на сопственик и управител на правниот субјект ТП Оли-Вети Копирс Скопје; И. П. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Идиомас ИП ДООЕЛ Скопје; Ј.Д. во својство на сопственик правниот субјект Спортико Трејд ДООЕЛ Скопје; И.Ш.  во својство на сопственик и управител на правниот субјект Борографика ДООЕЛ Скопје; С.С. во својство на сопственик и управител на правниот субјект Елит Травел ДООЕЛ Скопје како и против горенаведените правни субјекти кои се стекнале со противправна имотна корист, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело ЗЛОСТОРНИЧКО ЗДРУЖУВАЊЕ по член 394 ст.1 , ПЕРЕЊЕ ПАРИ И ДРУГИ ПРИНОСИ ОД КАЗНИВО ДЕЛО по член 273 ст.1, ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊЕ по член 353 ст.2, НЕСОВЕСНО РАБОТЕЊЕ ВО СЛУЖБАТА по член 353-в ст.2, ПРОНЕВЕРА ВО СЛУЖБАТА по член 354 ст.3, ИЗМАМА ВО СЛУЖБАТА по член 355 ст.1, ФАЛСИФИКУВАЊЕ ИЛИ УНИШТУВАЊЕ НА ДЕЛОВНИ КНИГИ по член 280 ст.1, СОИЗВРШИТЕЛСТВО по член 22, ПОМАГАЊЕ по член 24, и ПРОДОЛЖЕНО КРИВИЧНО ДЕЛО по член 45 од Кривичниот Законик на Република Северна Македонија.
Пријавената О.М, заедно со пријавениот Ѓ.Ч, во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект Масон Инжинеринг ДООЕЛ Скопје, во периодот од 01.01.2016 до 10.10.2019 година, свесно и со однапред утврдена намера, со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и нивните правни субјекти, формирале злосторничко здружение во кое ги организирале, координирале и насочувале пријавените:

– Н.Л. во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект Сеф Компани ДОО Скопје,
– С.Т. во својство на сопственик и управител на пријавениот правен субјект Усјепор ДООЕЛ Скопје,
– К.А. во својство на овластен потписник во пријавениот правен субјект Км Емона ДООЕЛ Скопје,

Да изготват и достават енормен број на фиктивни фактури, за “наводно’’ извршена продажба на стоки и услуги на ФФМ, по што пријавената О.М.  организирала и извршила плаќање на наведените фактури од банкарските сметки на ФФМ, и спротивно на закон наплатиле и присвоиле парични средства во вкупен износ од 69.375.926 денари. – стои во соопштението од Финансиската полиција.

OhridNews