Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „незаконит лов”, СВР Охрид до надлежното Јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 56-годишен жител на охридското село Љубаништа.

– Тој, на трети ноември минатата година, на забрането ловиште од Национален Парк „Галичица” во атар на селото Љубаништа, со поставување на челична сајла извршил заловување, односно ранил и фатил мечка- крупен дивеч под заштита, што според Законот за ловство е трајно забрането, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

По овластување од дежурен Јавен Обвинител, извршен е увид при што констатирано е дека,  пријавениот, во местото „Подграде” кај Љубаништа, неовластено поставил три челични сајли-„примки” на кои се фатила мечката. Истите се подигнати и предадени на вештачење а ветеринарни техничари од ветеринарната болница Скопје, извршиле успивање на мечката.