Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 44-годишно лице од Скопје.
- Скопјанецот на 13.03.2020 година, по влегувањето од Австрија во земјава потпишал изјава за самоизолација, која ја прекршил на 20.03.2020 година, кога во Скопје се упатил во болничка установа со цел да изврши тест за коронавирус. По медицинскиот наод дека е позитивен тој, самоиницијативно, не почитувајќи ги медицинските препораки за строга самоизолација, се упатил во неговиот стан во Охрид, информира портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Притоа, непречено се движел без заштитна маска и ракавици, а на 23.03.2020 година, првиот ден по пристигнувањето во Охрид, лицето посетило службени простории на еден оператор по што, во станот примил вработени кои му ја извршиле договорената услуга.
СВР Охрид по добивање на информацијата за присуство на лицето во градот, вториот ден по доаѓањето во Охрид, веднаш презел мерки согласно оперативните планови и одредби на владата и лицето е ставено под интензивна контрола.
- Од Скопје лицето пристигнало со свое возило, во кое претходно имало обезбедено намирници за подолг временски период. Од вториот ден по доаѓањето во Охрид лицето е под интензивна контрола и оневозможено е неговото понатамошно излегување од станот кој се наоѓа во станбен објект со мал број станари. Лицето е под интензивна контрола на полициски службеници од СВР Охрид, вработени од Центарот за јавно здравје, од Државниот здравствен инспекторат и во моментов строго се придржува кон одредбите за самоизолација, изјави портпаролот Димоски.
Кривичната пријава е поднесена поради напуштањето на самоизолацијата во текот на првиот ден по доаѓањето во Охрид и контактот остварен со вработените на кабелскиот оператор.
OhridNews