Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција при Основниот кривичен суд Скопје донесе решение со кое се огласува за ненадлежно по предметот против обвинетиот Рамиз Мерко од Струга за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и предметот ќе го достави за постапување во Основниот суд Струга.
Заради интерес на медиумите и невладините организации кои ја следат работата на судот, ја информираме јавноста дека Специјализираното одделение за организиран криминал и корупција (КОК) при Основниот кривичен суд Скопје постапувајќи по обвинителниот предлог со КО бр. 27/24 против обвинетиот Р.М. од Струга за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 ст.4 вв со ст.1, донесе решение со кое се огласува за стварно ненадлежно и предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга, се наведува во денешното соопштение од Кривичниот суд.
Во соопштението се појаснува дека согласно чл. 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение (КОК) е надлежно за Кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице.
Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во СЛ. Весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ст. 4, судот утврди дека Спелцијализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што Јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член, се наведува во соопштението.
Со оглед на сето тоа, како што посочуваат од Основен кривичен суд Скопје, стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.
OhridNews