Италијанската полиција упаси тројца Египќани кои управувале брод со повеќе од 300 имигранти на пат од Египет до Италија, меѓу кои и десетгодишно девојченце од Сирија кое починало на патот откако останала без неопходниот лек.
Сириец кој во средата пристигнал на Сицилија по операцијата на спасување на море на италијанската крајбрежна стража, на италијанските обвинители им изјавил дека неговата десетгодишна ќерка паднала во дијабетична кома и подоцна починала.
Италијанските медиуми во саботата пренесуваат дека египетските криумчари, на кои таткото им платил за транспортот неколку илјади американски долари, ја земале торбичката во која бил инсулинот и ја фрлиле во морето, кусо по испловувањето на бродот од Египет. Без лековите девојченцето не го преживеало долгиот пат и, трагедијата да биде поголема, на барање на другите луѓе на пренатрупаниот брод, таткото морал нејзиното тело да го фрли во морето, пишуваат медиумите повикувајќи се на обвинителството во Сиракуза.
Од полицијата на Сицилија изјавиле дека тројцата Египќани се уапсени поради криумчарење луѓе, а не поради убиство, имајќи предвид дека таткото на починатото девојче рекол дека тоа не се истите луѓе кои го фрлиле инсулинот.
Италија, покрај Грција, е една од главните точки за влез на имигрантите и бегалците кои од Северна Африка се обидуваат да влезат во Европската унија. Владата во Рим проценува дека во текот на 2015 година би можело да пристигна околу 200 илјади.
Последните денови во Италија пораснаа напнатостите, бидејќи сé повеќе Италијанци протестираат против отворањето нови центри за прифаќање во близина на нивните домови. Така во петокот во предградие на главниот град Рим и во северниот Тревизо дојде до безредија и судири со полицијата, откако локалните жители протестираа против тоа бегалци да бидат згрижени во непосредна близина на нивните домови. Во моментов во центрите за прифаќање бегалци низ цела Италија се сместени најмалку 84 илјади имигранти, соопшти министерството за внатрешни работи.
OhridNews
извор: „Макфакс“