Јапонската Агенција за нуклеарна и индустриска безбедност изрази загриженост од состојбата на резервоарот за искористено нуклеарно гориво во реакторот број три на оштетената нуклеарка Фукушима Даичи, пренесува „Макфакс“.

Во извештаите се наведува дека базените во реакторите број три и четири вријат, но можно е во базенот на реакторот број 4 воопшто да нема вода.

Доколку искористените шипки не бидат оладени, би можеле да емитуваат огромно количество радијација.

Експертите предупредуваат дека во тој случај техничкиот персонал нема да може да пријде до реакторите и да ја продолжи акцијата на ладење со морска вода.

„Доколку акцијата на ладење на успее, ситуацијата би можела да ја достигне критичната фаза за неколку дена“, изјави претставник на Агенцијата за новинската агенција Кјодо.

Грегори Јацзко, претседател на американската Нуклеарна регулаторна комисија, изјави дека верува оти базенот за искористено гориво во реакторот број 4 е сув и дека нуклеарните шипки целосно се изложени на воздух.

„Веруваме дека радијацијата е екстремно висока, што може да ја намали способноста за преземање на корективни мерки“, рече Јацзко пред американскиот Конгрес.

OhridNews
извор: „Макфакс“