Владата ја усвои Предлог – уредбата за изменување на Уредбата за мрежата на здравствени установи, со што, како што е објаснето од Министерството за здравство, се трга ограничувањето на отворање аптеки и специјалистички ординации коишто можат да склучат договор со Фондот за здравствено осигурување, согласно финансиските можности на фондот, а при тоа, се задржуваат критериумите за квалитет. Целта е надминување на проблемот со недостигот на лекови, поради можноста што ќе им се даде на аптеките коишто досега немаа договор со Фондот за здравствено осигурување, да склучат таков договор. Исто така, целта е да се мотивираат младите лекари да отвораат свои специјалистички ординации, коишто ќе имаат склучени договори со ФЗО, што досега не беше можно, информира Владата.

Владата ја усвои и Предлог програмата за изменување и дополнување на Програмата за потребите на специјалистички и субспецијалистички кадри, согласно мрежата на здравствени установи, со што се зголемува бројот на одобрени специјализации во државата.

На седницата одржана вчера Владата ја усвои Информацијата за начинот на финансирањето на изградбата на Универзитетски Клинички Центар на greenfield локација во Скопје, како и Информацијата за започнување на реализацијатана новиот Универзитетски Клинички центар. Задолжено е Министерството за финансии, во соработка со Министерството за здравство да отпочне преговори со конзорциумот на банки Erste group, Raifaisen bank и UniCredit за заем обезбеден со гаранција од ECA.

Владата, на вчерашната седница ја разгледа и усвои Информацијата за извршени контроли за квалитетот на детските играчки, што се продаваат на територијата на нашата држава, а којашто се однесува на првиот квартал од 2019 година. Задолжено е Министерството за здравство – Државен санитарен и здравствен инспекторат да продолжи да доставува до Владата информации за извршените контроли за квалитетот на детските играчки, како и Инспекторатот да спроведе вонредна масовна контрола за квалитетот на играчки коишто се продаваат на територијата на нашата држава.

OhridNews