Австрискиот актер и двоен оскаровец Кристоф Валц ќе го игра главниот негативец во новото, 24. продолжение на популарната франшиза на шпиунот Џејмс Бонд чија режија е доверена на Сем Мендес. Со изборот на Валц за новиот заколнат непријател на тајниот агент 007, Мендес очигледно сакал сите шанси да ги стави на своја страна како би дал достојно продолжение на својот одличен “Skyfall”. Според медиумите, филмот сеуште нема наслов, а не е познато ни која точно улога ќе ја игра австрискиот актер. Се знае само дека таа ќе биде значајна.
Валц во новиот филм ќе игра покрај Даниел Крег, кој уште еднаш ќе ја репризира улогата на Џејмс Бонд. Снимањето на филмот ќе почне во декември, а ќе се одвива на локации во Мексико, Австрија, Мароко, Италија и Лондон. Филмот во кината би требало да се појави во ноември следната година. Валц, кој освоил Оскари за улогите во филмовите на Тарантино „Проклетници“ и „Осветата на Џанго“, во меѓувреме ќе го гледаме во остварувањето на Тим Бартон “Big Eyes”, како и во римејкот на Тарзан на Девид Јејтс.