На вчерашната владина седница била донесена одлука за в.д директор на Фондот за здравствено осигурување на Македонија да биде именувана Кристина Христова. Таа на оваа позиција доаѓа од позицијата директор на Секторот за фармација во Фондот.

Одлуката за именување на Христова доаѓа откога се констатирало дека Сања Минкова, која на претходната владина седница беше именувана за вршител на должноста на оваа позиција, не исполнува еден од посебните услови за директор, и тоа во поглед на периодот на поседувањето на специфично работно искуство од шест години.

– Превидот е констатиран пред да се потпише одлуката и истата да се објави во службен весник така што не се предизвикани правни последици, изјави за МИА портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев.

Владиниот портпарол информира и дека истовремено Владата одлучила да биде распишан јавен повик за пријавување на интерес за ангажирање на позицијата директор на ФЗО, кој ќе биде објавен во сабота на 28 февруари и ќе трае до 15 март годинава.

Предвидено е Христова да ја извршува позицијата в.д директор на Фондот во периодот до изборот на директор од кандидатите кои ќе се пријават на јавниот повик.

-Нашата цел е низ една отворена и транспарентна постапка, да ги мотивираме најспособните и најквалитетните кандидати кои што имаат соодветно образование, и работно искуство, но и знаења, вештини и идеи за вршење на ова одговорна државна функција, да се пријават и да се стекнат со можноста да бидат избрани. Јавниот повик ќе биде објавен набрзо и во него ќе се содржат сите услови и критериуми кои треба да ги исполнат лицата кои сакаат да се кандидираат. Сите ќе имаат еднакви шанси за избор, а основен критериум при изборот ќе биде способноста и квалитетот на кандидатите, додава Ѓорѓиев.

Кристина Христова е вработена во ФЗОМ од 2007 година, а на позицијата директор на сектор стапува во 2010 година.

Претходно, Владата го именуваше и Орхан Рамадани за в.д директор на Фондот за здравствено осигурување. Двајцата в.д директори имаат еднакви овластувања, права и одговорности во извршувањето на функциите.

 

OhridNews

Извор:„МИА“