За само неколку дена во Охридско-струшкиот регион се случија дузина кривични дела, од најобични до закани по живот.

„Наивни“ вработени оштетиле јавни претпријатија, директори демонстрирале самоволие, дрски арамии ги пљачкосуваат црквите, разбојници сред бел ден напаѓаат жртви. Сето тоа во екот на туристичката сезона, кога вообичаено има поголема концентрација на луѓе во Охрид. Тогаш се регистрира и зголемен обем на кривични дела.

Само во изминативе 24 часа се обелоденети три  кривични дела.

СВР Охрид, поднесе кривична пријава против триесет и две годишен охриѓанец вработен во ЈП „Охридски Комуналец„ за сторени кривични дела „фалсификување или уништување на деловни книги„ и „измама во службата“.  Тој во периодот од 2007 до 2009 година,  изготвил пет фактури од фирмата сопственост на неговата сопруга, во кои внел невистинити податоци со кои го оштетил јавното претпријатие за 218.418 денари.

Во друг случај вчера   врз лице од с. Радолишта-Охрид  извршена е изнуда од страна на жител на  Франгово и други лица ангажирани од него. Барале  од оштетениот да изнудат 100.000 евра.

Пред една недела сред бел ден разбојник во Струга украде чанта со 3,5 милиони денари.

Но не секогаш целта на криминалците и разбојниците се големи пари. За тоа сведочи немилиот настан кој се случил пред влезот, односно надвор од манaстирскиот комплекс Св. Наум деновиве, каде при обидот на дрски напаѓачи незаконски да наплатат паркирање на див паркинг, бил употребен нож и закани по живот.

Колку вреди човечкиот живот – 50 денари? А, каде е моралот, лојалноста, човечкото достоинство – изгубени категории во општеството со изместени вредности, во кое нечесните стануваат почитувани граѓани, криминалците угледни бизнисмени пред кои обичните граѓани виткаат кичми затоа што нема кој да ги заштити.


OhridNews