Околу 1,8 милиони регистрирани избирачи во јужната украинска автономна република Крим денеска гласаат на референдум за да се изјаснат каде ја гледаат својата иднина, во Украина или Русија, пренесува „Макфакс“.

Врховниот совет (владата) на јужната украинска автономна република Крим, каде мнозинство се етничките Руси и русофоните а се наоѓа и седиштето на руската Црноморска флота, на 6-ти март распиша референдум на кој населението ќе одговара на две прашања: Дали сте за повторно обединување на Крим со Русија со овластувања на субјект на Руската Федерација? И Дали се за обновување на Уставот на Република Крим од 1992 година и за статусот на Крим како дел од Украина?.

Гласачкото ливче е отпечатено на трите јазика, руски, украински и кримско-татарски, а за решение ќе биде сметан оној одговор за кој ќе се изјаснат повеќе од половината излезени избирачи. Ќе се гласа на 1.205 избирачки места околу кои во саботата беа распоредени силни единици на ткн „единици на самоодбраната”, а западните медиуми известуваат дека забележително е и присуството на руските војници.

Уште во 1992 година требаше да се одржи референдум за тоа дали Крим ќе биде дел од Русија или од Украина. Меѓутоа, украинските власти со спречија референдумот, ги распушти тамошните органи, а тогашниот претседател на Автономната Република Крим, го отстрани од должноста, но за возврат му даде широка автономија со право на самоодлучување.

Регионалните власти на Крим, кои не ги признаваат новите власти во Киев, повикаа меѓународни набљудувачи да го следат текот на референдумот. Меѓународната набљудувачка мисија ја започнал работата во саботата пресрет на референдумот, соопшти координаторот на мисијата на Европскиот центар за геополитичка анализа Матеуш Пискорски. Во составот на меѓународната мисија од Европскиот институт за мониторинг за демократијата и изборите од Брисел влегуваат 50 набљудувачи лица, од Полска, Австрија, Франција, Германија, Белгија, Бугарија, Унгарија, Грција, Италија, Израел, САД и Латвија. Меѓу нив има членови на Европскиот парламент, пратеници од националните парламенти на европските земји, како и водечки експерти од Европа за меѓународно право и истакнати активисти за човекови права, со богато долгогодишно искуство од набљудувачките мисии на изборите во повеќето европски земји и државите од Заедницата на независни држави (поранешниот Советски сојуз).

Регионалните власти на Крим повикаа и набљудувачи Организацијата за европска безбедност и соработка (ОБСЕ), но таа одби да испрати своја мисија. Претседавачот со ОБСЕ, швајцарскиот претседател и министер за надворешни работи Дидие Буркхалтер изјави дека референдумот не е во согласност со украинскиот устав и затоа не е легитимен.

Според украинскиот устав, на Крим може да се одржи референдум за политички прашања, но за промените на границите на земјата може да се одлучува само на референдум на ниво на целата земја. Во меѓувреме, обвинителството на Украина поднесе барање на судот во Киев да ја прогласи незаконска и противуставна одлуката на Врховниот совет на Крим (регионалниот парламент) за спроведување на референдумот.

Ситуацијата на Крим, каде референдумот руското мнозинство го доживува како долго очекуван ден, додека Украинците и кримските Татари изразуваат несигурност и страв, се смета за критичен момент во натамошниот расплет на украинската криза откако опозицијата којашто беше поддржувана од Западот по безредијата кон крајот на февруари и стотината жртви во украинската престолнина Киев го отстрани од должноста проруски настроениот претседател Виктор Јанукович.

За многуте етнички Руси, кои сочинуваат околу шеесет проценти од населението на Крим, новата влада во Киев го претставува радикалниот украински национализам, особено откако веднаш истиот ден откако парламентот во Киев во кој гласаат само пратениците од поранешната опозиција го укина законот за јазици со што рускиот, кој во југоисточните региони за мајчин го навеле над 70 отсто, а на целата територија на Украина процентуално 29,6 отсто, го загуби статусот на служен јазик. Таквото мислење може да се забележи и од еден од многуте плакати поставени на Крим со кои се повикуваат гласачите масовно да излезат на референдумот, на кој на левата страна е полуостровот со црвена бија покриен со бодликав тел и со големата нацистичка свастика а на десната е прикажан полуостровот со боите на руската тробојка, меѓу кои стои „или” и пораката „На 16-ти март ние избираме”.

Иако се чини дека второто референдумско прашање нуди можност полуостровот да остане во рамките на Украина, уставот од 1992 година е далеку од тоа. Затоа што тој беше усвоен набрзо по падот на Советскиот сојуз, но него потоа го укинаа властите во постоветска Украина, укинувајќи ја најшироката автономија на оваа автономна република. Со тој устав всушност, на Крим му беше дадена независност во рамките на Украина, но и можноста сам да го одреди својот пат и натамошните односи и сојузи. Впрочем, оттаму Москва тврди дека референдумот на Крим има законска основа, бидејќи според неа почива на правото на народите на самоопределување содржано во Повелбата на Обединетите нации. Имајќи предвид дека парламентот на Крим веќе ја донесе декларацијата за независност, второто референдумско прашање би претставувало само малку подолг пат за враќање на полуостровот во составот на Русија. Покрај тоа, според некои анкети, во петокот 90 отсто од анкетираните се изјасниле дека го поддржуваат влегувањето на Крим во Руската Федерација.

„Да не сме изложени на постојаните закани од актуелните нелегални украински власти, можеби ќе избравме поинаков пат”, изјави за Реутерс потпретседателот на кримскиот парламент, Сергеј Цеков, откако беше изгласана декларацијата за присоединување кон Русија. „Ако сакаме да бидеме чесни, мислам дека Украина своевремено ги припои Крин. Поради тоа и поради општото расположение овде, донесовме одлука да се приклучиме на Русија. Мислам дека таму е ни биде многу подобро”, додаде Цеков.

Кримските Татари кои сочинуваат од 12 отсто од тамошното население, се поделени во повикот на бојкот на референдумот. Едните разговараа со новите кримски власти и велат дека постигнале преговори. Татарите се староседелци на полуостровот, но Сталин масовно ги депортираше во 1944 година, а масовно се враќаа во 1988 година. Поранешниот претседател на меџлисот на кримските Татари, Мустафа Џемилев изјави за украинската телевизија Канал 5 дека разговарал со рускиот претседател Владимир Путин и го поставил прашањето за легитимноста на референдумот. Поради лошото историско искуство со Русите, односно поради вековните борби, кримските Татари, тие се понаклонети кон украинските власти. „Изразив дилема кога станува збор за одлуката да се организира референдум, како и за неговата легитимност”, рече Џемилев.

Крим останува и денес симбол на рускиот идентитет. За многу Руси овој полуостров е дел од Русија кој од 1991 година е заробен во туша земја. Важноста што ја има Крим за Русија од историски, културен, воен и геополитички аспект се непроценливи.

Историјата на Крим кој Русија дефинитивно целосно го завладува кон крајот на ЏВИИИ век во времето на царицата Катерина Велика, е исполнета со симболиката на рускиот идентитет од царскиот и советскиот период. Полуостровот е место и од големо културолошко значење и за Руската православна црква, каде кнезот Владимир Велики, средновековниот владетел на Киевска Русија, претходничката на модерна Русија, го примил христијанствотои го раширил меѓу својот народ. На Крим се воделе и крвавите судири во Кримските војни и во Втората светска војна.

Крим бил дел и од царска и од советска Русија повеќе од 170 години, додека советскиот комунистички челник Никита Хрушчов, етнички Украинец со указ во 1954 година не го припоил на Украина. Оттаму, многу Руси референдумот го гледаат и како моќност да се исправи она што го сметаат за историска неправда.

Украинците, пак, не мислат да го отстапат Крим и неговото присоединување кон Русија го сметаат за нарушување на нивниот територијален интегритет и суверенитет. Се откажаа од наводна воена опција за враќање под своја контрола на полуостровот, но мислат да се борат со дипломатски и политички средства. Киев, поддржан од САД и ЕУ го прогласи референдумот за нелегитимен, а вршителот на должноста украински премиер Арсениј Јаценјук изјави дека „Украина нема да ѝ отстапи ни педа земја на Русија”.

OhridNews
извор:„Макфакс„