Драмската програма на годинешното 61-во издание на фестивалот „Охридско лето“ стартува со театарската претстава „Крик за љубов“ од Жозиен Баласко, во режија на Љупчо Ѓоргиевски, а во изведба на Народниот театар Охрид. Претставата ќе се одигра во Центарот за култура „Григор Прличев“ со почеток во 21 часот.

„Крик за љубов“ е „комедија на карактери“ натопена во љубовна приказна со романтичен крај. Текстот обработува две доминантни теми – театарот и љубовта.

Улогата на Жижи Ортега ја игра актерката Адријана Тодороска, во ликот на Иго Мартиел ќе биде Никола Тодороски, улогата на Леон ја игра Ивица Цонев, а Силвестер ќе биде Горан Стојаноски. Сценографијата за претставата ја направи Валентин Светозарев, костимографијата е на Андреј Ѓоргиевски, а музиката ја компонира Марјан Неќак.

Деведесетминутната претстава „Крик за љубов“ е наменета за целата публика.

Режисерот Љупчо Ѓоргиевски за својата работа е добитник на повеќе награди и признанија (Награда на градот Битола „ 4 Ноември”, шест награди за најдобра режија, две награди за драматизација и четири награди за најдобра претстава на Фестивалот „Војдан Чернодрински” – Прилеп, Гран-при во Москва, Белград, три награди на Фестивалот Античка драма – Стоби и др.)

OhridNews