Охриѓани синоќа имаа ретка можност да уживаат во креативниот хумор на најдобрите стендап комичари на Балканот. Во познатиот клуб „Jazz Inn“ во Охрид гостуваа најпознатите имиња од балканската стендап сцена- Александар Перишиќ и Никола Силиќ од Србија, Марина Орсаг од Хрватска. Во улогата на домаќин беше најдобриот македоснки стендап комичар Никола Тодороски. 

Вечерта ја отвори Никола Тодороски со краток сет, во кој на негов, оригинален начин се осврна на актуелната состојба деновиве во земјава.

Белградскиот дел од шоуто го започна Никола Силиќ, кој воспостави одлична комуникација со публиката. Неговиот настап неколку пати беше прекинуван со долги аплаузи.

Сцената буквално ја запали комичарот Александар Перишиќ, чиј хумор полн со длабоки пораки и неверојатна спонтаност ја освои публиката.

Шлагот на вечерта беше настапот на извонредната стендап комичарка од Хрватска Марина Орсаг. Нејзиниот поглед на машко-женските односи на Балканот не остави никого рамнодушен во публиката.

Кремот на балканската стендап сцена деновиве ќе гостува во соседна Бугарија.

Г.М.