Уште на самиот почеток авторот на книгата го најавува необичното дружење со нејзината фантазија, а преку ликовите во книгата чиишто имиња се исто така невообичаени, претставувајќи дел од фантазијата на авторот којашто е вешто канализирана, пренесена во текст кој постепено го води читателот.
Пораката што Трајковска сака да ја пренесе преку оваа книга, сама по себе говори за нејзината племенитост и универзалност. Впрочем, читајќи ја оваа книга сфаќате дека таа има повеќе пораки- победата на доброто над злото и за користа од тој процес, почитувањето на искрената љубов, на пријателството, но и таа дека во книгите се кријат тајни, односно одговорите на прашањата значајни за животот.
Вешто ја води приказната во заплет. Одлично го воведува читателот во дејствието, а со оглед на тоа кога е овој роман напишан (12 годишна возраст на авторот), фантазијата е одлично насочена. Дијалозите се добро осмислени и обраќањето во нив е соодветно.
Книгата како целина е добра со тоа што треба да се посвети повеќе внимание на лексиката и синтаксата, и на правописот.
Желбата на авторот да го востанови повторниот ред на нештата, според кој настаните ќе се одвиваат во континуитет на добрата мисла и однесување, сама по себе е племенита и продуховена. Но таа желба да се пренесе и во книга, а не само во текст, му дава значење на авторот за неговата големина како битие што е во развој, соодветно на нејзината возраст, но исто така се однесува и на воспитниот процес низ којшто поминува. Книгата претставува четиво со прекрасна идеја! Честитки!
М-р Лидија Размоска