Во рамките на проектот Подобрување на управувањето и одржливо користење на Белчишко блато (Сини Вирој), снимен е документарен филм за промоција на овој биолошки и хидролошки важен локалитет. Филмот освен на македонски jaзик, има и верзија со англиски титл за пошироката публика.
Во изминатава година и половина се реализираа бројни активности во насока на прогласување на блатото за заштитно подрачје, информира проектниот раководител Ѓоко Зороски.
Извршен е биолошки мониторинг на најважни растителни и животински видови и живеалиштето евлова шума во подрачјето на Белчишко блато. Исто така изградена е туристичка инфраструктура на блатото: летниковци, набљудувачница за птици, информативни табли. Направени се истражувања за валоризација на екосистемските услуги од блатото како и истражување за социо-економското значење на блатото. – вели Зороски.
Проектот опфати и обука за засегнати чинители и за Општина Дебрца како потенцијален управувач со подрачјето на Белчишко Блато како идно европско заштитено подрачје НАТУРА 2000.
Од општина Дебрца наидовме на позитивен прием и целосна поддршка во проектните активности, а за кратко време општината ќе добие две брендирани автобуски постојки во с. Ботун и с. Белчишта, како и рачна опрема за гаснење пожари. Како поддршка на научно-истражувачките и инфраструктурните активности, изработена е веб страница за блатото (www.belciskoblato.mk) и промотивни материјали: маици и разгледници со мотиви од блатото. Во идниот период работиме со забрзани чекори за прогласување на блатото за заштитено подрачје на национално ниво, а блатото е веќе идентификувано како идно европско заштитено подрачје во рамките на мрежата НАТУРА 2000, информира Зороски.
Проектот го спроведува здружението „Екотуризам 2016“ и канцеларијата на UNDP, Скопје и е дел од проектот “Подобрување на управувањето со заштитените подрачја”, финансиран од ЕУ со поддршка на Министерството за животна средина и просторно планирање.
OhridNews