Краткометражниот филм „Борба за смрт“ на авторката Елеонора Венинова ќе биде прикажан на четири фестивали овој и следниот месец. Филмот ќе има проекции на канадскиот „Монтреал ворлд филм фестивал“, „Енкаунтерс шорт филм енд анимејшн фестивал“ во Бристол, на „Меѓунаротниот фестивал за краток филм во Драма, Грција и на шведскиот „Лајв ет харт“ фестивал.

Парадоксалната драма во која двајца старци се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село го врви својот фестивалски пат на значајни фестивали.

– За нас како екипа значајно е тоа што филмот се прикажува на фестивали кои важат за квалификациски за „Оскар“ и за други европски награди. Односно, за да влезе некој филм во конкренција за оваа награда, или за БАФТА, мора да победи на некој од нивните квалификациски фестивали. „Борба за смрт“ ќе биде на програмата токму на вакви фестивали. Се надеваме дека ќе имаме успех – вели продуцентот Гоце Кралевски од „ДНФ филмс“.

– Мило ми е што филмот патува по фестивали и тоа во многу различни земји, од Индија до Канада, што за нас е знак дека успеавме да раскажеме приказна која зборува за универзални човечки судбини, а истовремено ја отсликува болната македонска реалност. Особено ми е драго за учеството на фестивалот во Монтреал, кој годинава го има јубилејното 40-то издание и е еден од најзначајните фестивали во Канада – вели режисерката и сценаристка Елеонора Венинова. 

Филмот се снимааше минатото лето во мариовското село Кален. Сценариото и режијата се на младата и наградувана македонска филмска авторка Елеонора Венинова. Во улогата на двајцата дедовци се актерите Мите Грозданов и Илија Струмениковски, а директор на фотографија е Димо Попов. 

Сценариото за филмот учестуваше на неколку работилници за развој на кратки филмови во Литванија, Романија и во Грција. Минатата година освои и награда за најдобро сценарио на „Драма пичинг лаб“, работилница која се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција, кој оваа година го има филмот и на својата програма. 

Филмот „Борба за смрт“ го финансира Агенцијата за филм на Република Македонија, а поддржан е и од телевизија „Канал 5“. 

OhridNews