Пред неколку дена во катедралата Света Софија беше организиран шестиот по ред Меѓународен хорски фестивал “Гласот на Охрид”. Покрај градскиот мешан хор Vox Lychnidos, оваа година учествуваа уште седум хорови од Србија, Словенија и Албанија. Меѓу нив посебно внимание заслужуваат хористите од Кикинда, членовите на хорот „Attendite“.

Хорот „Attendite“ од Кикинда

Овој хор доаѓа на нашиот фестивал во Охрид веќе шести пат, така да не постојат зборови со кои можам да ја изразам мојата благодарност како организатор. Нивното присуство охрабрува да продолжиме со фестивалот, опусот со кој настапуваат во Охрид е идеален за настап во нашата Катедрала, нивниот хорски звук е моќен. – изјави проф. Бурим Хидри, диригент на охридскиот градски хор.

Уникатноста на членовите на хорот од Кикинда е во нивната јасна и недвосмислена љубов кон Охрид.

Организаторите на нашиот фестивал, покрај званичниот дел (гала концерт во Катедралата Света Софија), секоја година предвидуваат и туристички разглед на стариот град за сите учесници (а оваа година нивниот број беше вкупно 220). Замислете ја ситуацијата, по шести пат истата екипа да инсистира да ја водите низ стар град? Да не им е досадна приказната за Охрид, за Македонија? Верувајте ми, морав да бидам многу инвентивен, да им ги прикажам убавините на нашиот град со нови приказни, одејќи по некои други улици и сокаци. – изјави Д-р Зоран Тунтев, редовен професор на Факултетот за туризам и угостителство, овојпат во улога на туристички водич.

Нивната љубов кон градот тие ја покажуваат и на уште еден уникатен начин, посочува професор Тунтев.

При секое доаѓање, хорот од Кикинда ми донира рефлектори за осветлување на нашите цркви! Централниот брод и западната фасада на Света Софија, новите фрески во Св. Пантелејмон, бистата на Григор Прличев пред градската библиотека, локалитетот Манчевци, а сега и наосот во Света Богородица Каменско, сето тоа е (или ќе биде) осветлено со помош на нашите прекрасни пријатели од Кикинда. – потенцираше професорот Тунтев.

Г.М.