Премиерата на новиот филм за најпознатиот агент Џејмс Бонд одржана е синоќа во Лондон во присуство на главните актери како и членовите на кралското семејство. Принцот Вилијам, неговата сопруга Кејт и неговиот брат Хари присуствуваа на светската премиера на филмот „Спектре“ за најновите авантури на британскиот агент во Ројал Алберт Холот. Филмот денес истовремено почнува да се прикажува во кино салите во Велика Британија и Ирска. Филмот кој доби позитивни оценки од критичарите е во режија на Сем Мендес додека легендарниот агент 007 по четврти пат го игра актерот Даниел Крег.
Даниел изјави дека е нестрплив луѓето да го видат филмот. Не сака да се гледа себеси на големиот екран, но обожава да го игра Џејмс Бонд. Потоа позираше со актерките Моника Белучи и Леа Сејду. Сниман во Англија, Италија, Австрија, Мексико и Мароко, „Спектре“ ги има сите традиционални состојки од филмовите за Бонд, сцени од бркотници со автомобили, лош мегаломан кој го игра двојниот Оскаровец Кристоф Валц, сензуални Бонд девојки, изненадувачки справи и духовити дијалози. Улогата на „М“ на чело на MI6 ја игра британскиот актер Рејф Фајнс кој го презеде тоа место после смртта на шефицата на Бонд во филмот “Skyfall” која ја интерпретираше Џуди Денч во седум последователни филмови.