Шеесет минути ПСЖ имаше водство против немоќниот Реал на „Сантјаго Бернабеу“, со голот на Килијан Мбапе кој танцуваше на теренот, постигнувајќи уште два гола кои му беа поништени поради офсајд. И тогаш една катастрофална грешка на чуварот на мрежата на парижаните Донарума смени се. Венисиус Џуниор го прими подарокот, асистираше за Бензема за 1:1. Од тој момент на теренот постоеше само една екипа – Реал Мадрид.
Кралскиот клуб за триесеттина минути ја покажа сета своја класа одржувајќи им фудбалска лекција на прескапите ѕвезди на ПСЖ. Во нападот Меси и Нејмар беа речиси невидливи, средината ја загуби битката со вечно младиот Лука Модриќ кој беше креатор на целосниот пресврт, а сигурен егзекутор беше Карим Бензема кој ги казни сите грешки на несигурната одбрана на ПСЖ стрелајќи уште два пати за победнички хет трик и победа од 3:1 за пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.
Победата на Реал е сосема заслужена, а ПСЖ очигледно не ја научил лекцијата од не така далечната историја кога прокоцка 4:0 против Барселона од која во реваншот загуби 6:1.
Извесно е дека овој пораз претставува тежок удар за амбициите на скапиот ПСЖ, а наредните часови или денови ќе ни дадат одговор кој ќе ја сноси одговорноста за неуспехот.
Во вториот осминафинален меч вечерва, Манчестер Сити и Спортинг одиграа реми без голови на Етихад. Граѓаните одат понатаму откако во првиот натпревар на гости славеа 0:5.
Г.М.