При претрес во домовите на две лица се пронајдени и одземени бронзени делови од свечена погребна ритуална кочија кои потекнуваат од II век од нашата ера и истите, според првичната идентификација од страна на стручно лице од Управата за заштита на културно наследство, претставуваат предмети од исклучително археолошко и историско значење. Пронајдени се и други предмети кои потекнуваат од Римскиот период и две икони за кои во тек е стручна идентификација за утврдување на потеклото и културно-историската вредност. Според стручното мислење пронајдените предмети од кочијата се само дел од нејзината целина (фигура од горен дел на кочијата со претстава на пантер и бронзена машка фигура, две фигури-торзо со претстава на машки лик, украсни делови од кочијата со претстава на орел и лав и друго), додека пак за останатите делови постојат сомненија дека истите биле продадени на илегалниот пазар со антиквитети надвор од границите на земјава за што, од страна на МВР ќе се превземат дополнителни мерки и активности преку Интерпол. По извршената дополнителна полициска истрага утврдено е дека постојат докази кои укажуваат дека одземените археолошки предмети биле нудени на продажба во и надвор од границите на територијата на Р.Македонија од страна на одредени членови на организираната група против кои, по спроведената акција „Фаланга“ беше поднесена пријава. Истите во моментов се на издржување мерка притвор.-соопшти МВР.
Против лицата кај кои била пронајдени и одземени предметите ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека сториле кривично дело „Прикривање на добра под привремена заштита или културно наследство“.
Инаку во текот на јуни отпочна реализацијата на акцијата „Фаланга“ во чии рамки беа пронајдени над 3000 монети кои потекнуваат од различни историски периоди, повеќе од 20 фигури со различна големина изработени од камен, бронза, бакар и мермер, голем број на керамички, бакарни и месингани садови, над 160 парчиња разновиден накит , над 300 метални, камени и керамички делови од предмети, метални секири, повеќе мермерни постаменти и плочи, метални копја и над 10 икони. При претресите пронајдени и одземени се и стари пиштоли и сабји, околу 20 метал детектори, 14 сонди и други направи кои беле користени за илегално ископување, потоа поголем број на карти, мапи, фотографии на кои се прикажани разни монети, икони и други археолошки предмети, кои ги користеле за нудење на продажба.