Прв пат во историјата на македонскиот ракомет, Супер лигата ќе заврши без шампион, откако Ракометната федерација на Македонија (РФМ) ја прекина тековната сезона. РФМ се одлучи на ваков чекор после новата вондредната состојба од времетраење од 30 дена на територијата од цела Македонија.
Во рамки на превентивните мерки и донесените Уредби од страна на Владата, ракометните натпревари во сите категории во домашното првенство се во мирување.
Воедно Ве известуваме дека Ракометната Федерација на Македонија е во секојдневна комуникација со надлежните институции со единствена цел за навремено информирање и спроведување на мерките за превенција од Covid-19 .
Земајќи ја во предвид прогласената вонредна состојба во државата како и продолжувањето на истата заклучно со 15.05.2020 година, дополнително и самиот факт дека поголемиот број договори на ракометарите/ките со клубовите имаат валидност заклучно до 31.05.2020 година како и насоките од Европската Ракометна Федерација за завршување на националниот систем на натпревари до 31.05.2020 година, се наметнува заклучокот дека моменталната состојба не дозволува и не постојат реални услови за регуларно завршување на домашното првенството.
За сезоната 2019/2020 година ќе биде доставен предлог до УО на РФМ да нема прогласување на победник во националниот систем на натпревари во сите конкуренции и категории, истиот предлог ќе биде доставен и за Куп на Македонија 2020 година.
Местата во Европските клубски натпреварувања во ЕХФ и местата во регионалната Сеха Лига ќе бидат распределени согласно критериуми од страна на УО на РФМ. – се вели во соопштението од РФМ.
Ракометниот клуб Охрид ќе биде исчекување на одлуките на УО во РФМ со оглед дека во регуларниот дел од сезоната во Супер лигата заврши на втората позиција веднаш зад лидерот Металург.
OhridNews