Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија на вондредна седница одлучи да стави точка на сезоната во Првата македонска фудбалска лига.

УО на ФФМ оваа одлука ја донесе поради позитивните случаи на вирусот Ковид -19 во Ренова и Шкендија  и загрижувачките бројки на заразени лица во Македонија.

Следејќи ја здравствената состојба во нашата држава, посебно во последните неколку денови и ситуацијата со позитивните тестови на вирусот Ковид -19 потврдени кај неколкумина фудбалери од ФК Ренова и ФК Шкендија, потоа процесот на самоизолација од две седмици кои треба да го помине целиот тим на ФК Ренова, како и неможноста во вакви, вонредни услови, земајќи го во предвид и ограничувањето на движење, клубовите да го продолжат тренинг процесот пропишан во здравствениот протокол, Управниот одбор донесе одлука да ја прекине натпрварувачката сезона 2019/2020 во Прва МФЛ.

Раководството на Фудбалската федерација на Македонија оваа одлука им ја соопшти и на службите во УЕФА, потенцирајќи ја состојбата во нашата држава од здравствен аспект и неможноста да се предвиди временската рамка во однос на евентуалното продолжување на првенството, односно со ново настанатата ситуација не може да се гарантира дека продолжувањето на националниот шампионат би имал регуларен тек.

Нема да се прогласи шампион во Првата македонска фудбалска лига. Процесот на лиценцирање се уште е во тек, а потоа ќе бидат одредени екипи кои ќе не претставуваат во европските натпреварувања следната сезона.

Од Европската фудбалска Асоцијација (УЕФА) истакнаа дека се исклучително горди на нашата „Куќа на фудбалот“ земајќи го во предвид фактот дека ФФМ и покрај сите предизвици во изминатиот период имаше за цел да направи обид и да ја примени најдобрата опција за продолжување на клупското натпреварувања од Прва МФЛ за да се овозможи правилно, по спортска заслуга, продолжување и завршување на домашното натпреварувања. – стои во дописот од ФФМ.

Најголем губитник од целата ситуација е Вардар, кој имаше двоцифрена предност на табелата во однос на ривалите од Првата МФЛ. Испаѓање нема од елитата, а следната сезона на прволигашите ќе им се приклучат Пелистер и Беласица.

OhridNews