Комитетот за спречување на тортура и нехуман или понижувачки третман или казни (КПТ), денеска во Стразбур по добиеното одобрување од македонските власти го објави извештајот за 5-та периодична посета на С Македонија, заедно со одговорот на властите на земјата. При посетатата е утврдено дека полициската бруталност е во пораст и дека властите не успеаја да преземат доволно мерки за да ги решат долгогодишните структурни недостатоци во затворскиот систем, јави дописникот на МИА.
За време на посетата, што се одржа од 2 до 12 декември 2019 година, делегацијата на КПТ доби бројни обвинувања за физичко малтретирање нанесено од полициски службеници врз осомничени за кривични дела. Тие и се пожалиле на делегацијата на КПТ дека биле подложени на удари со шлаканици, тупаници или клоци и тепање со пендрак или други предмети за време на апсењето или во полициска станица со цел да извлечат признание од нив. Извештајот, долг 101 страница, содржи описи на неколку случаи во кои делегацијата собрала медицински докази за да ги поткрепи овие наводи.
КПТ препорачува да бидат преземени низа мерки од страна на властите на земјава, особено и целосна одговорност на високите полициски службеници за постапувањето на нивните подредени и обука за современи техники на кривична истрага. Покрај тоа, правните гаранции, како што се пристап до адвокат и информирање на трето лице за лишување од слобода на лице, мора да се применат од почетокот на оваа мерка. Исто така, според КПТ, треба да се подобри ефикасноста на истрагата за наводите за лошо постапување.
Извештајот на КПТ, кој беше усвоен на 3 јули 2020 година, е многу критичен кон континуираното одбивање на властите да поправат одредени фундаментални недостатоци во затворскиот систем. КПТ смета дека е потребна непосредна акција за справување со недостатокот на професионален став за справување со сложените ситуации во затворскиот систем, лошото управување и лошите перформанси на персоналот, недоволно екипирање, лош квалитет на здравствена заштита што им се обезбедува на затворениците.Понатаму, недостаток на адаптиран режим што им се нуди на затворениците, високото ниво на насилство меѓу затворените, жалните материјални услови и ендемската корупција на персоналот.
Што се однесува до затворот во Охрид, во извештајот кој го објави националнагта агенција Миа, се наведува дека неколку затворени малолетници тврделе дека биле подложени на шлаканици, удари со тупаници и палки кога се однесувале лошо. КПТ препорачува персоналот да биде обучен за техники за ослободување од напнатост и мерки на воздржаност и раководството да изврши подобар надзор над нивната работа. Исто така, според КПТ од суштинско значење е сите малолетници притворени во овој објект да добијат сеопфатна програма за активности прилагодени на нивните потреби, што е далеку од тоа да биде случај за време на посетата на делегацијата на КПТ.
OhridNews