Парфеми, тоалетни води, креми и декоративна козметика со сомнителен квалитет и потекло се продаваат низ повеќе продавници и на тезгите низ Охрид. Ова го тврдат охриѓани кои имале негативно искуство од купување и користење на вакви производи.
-На подарок добив тоалетна вода запакувана во соодветна амбалажа, мирисот ми се допадна и без да ја проверам декларацијата решив да ја користам. Но по првото нанесување добив осип по кожата за која матичниот лекар ми кажа дека е реакција на некоја одредена супстанција во производот. Веднаш потоа го проверив производот на кој пишуваше „Made for EU by PRC“, што значи произведно за Европа од Кина. За некој кој не разбира англиски овој натпис би можел да значи дека производот има европски квалитет, вели охриѓанката Б.М (35) која се обрати до нашата редакција.
Таа раскажува дека слично искуство имала и нејзината колешка која исто така употребувала парфем со сомнителен квалитет.
Дека низ малопрподажната мрежа во Охрид се продаваат производи со нестандардизиран квалитет потврдуваат и дел од трговците кои се занимаваат со трговија на оргинална препаративна и декоративна козметичка.
-Како сомнителни можат да бидат производите на кои нема декларација за потекло и состав, но често пати може да се најдат и многу производи на кои декларацијата е фалсификат. Исто така доказ дека производот има сомнитлен квалитет може да биде и неговата цена, која најчесто е многу пристапна односно ниска. За поголема сигурност им препорачуваме на купувачите да бират козметички производи од заштитена и препознатлива марка, објаснуваат од неколку охридски парфимерии кои работат со брендирани производи. Tие бараат од надлежните да спроведуваат почести контроли за видот на производите кои се продаваат во Охрид.
Од охридското Советодавно биро на Организацијата на потрошувачи не информираа дека до сега до нив не пристигнала ниту една поплака од охриѓани во врска со продажба на неквалитетни козметички производи со сомнително потекло.
-Сите купувачи кои се соочиле со проблем предизвикан од козметички производ или имаат сомнение за квалитетот и потеклото на производот, може да се обратат до нас и или да пријават во Санитарната инспекција која надлежна за контрола на овој вид на производи, вели Вангел Спироски од Организацијата на потрошувачи, која има подготвено и објавено прирачник „Безбедност на козметички производи“.
Инаку според Законот за безбедност на козметичките производи, во промет можат да се ставаат само козметички производи кои во целост ги исполнуваат пропишаните услови за безбедност.
-За безбеден козметички производ се смета производ што: не предизвикува штета по здравјето на луѓето кога се применува под вообичаени или под услови кои можат да се предвидат, имајќи ги предвид презентацијата на производот, неговото означување; упатството за употреба и чување, како и која било друга напомена и информација обезбедена од страна на производителот или неговиот овластен претставник; што содржи супстанции што смеат да се користат при производството на козметички производи и на кој не му изминал рокот на траење, пишува меѓудругото во Законот.
Во него се појаснува дека козметичкиот производ не смее да содржи супстанции од Листата на супстанции што не смеат да бидат користени во козметичките производи и кои се класифицирани како карциногени, мутагени или токсични.
Е.М