Во ковид центрите во ЈЗУ Завод за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – „Св. Стефан“ и Општа Болница Охрид, во моментов се хоспитализирани вкупно 128 пациенти со Ковид 19.

Во Кардиолошкиот завод хоспитализирани се 34 пациенти со Ковид 19, од нив, за разлика од претходните бранови, голем број се помлади.

Од хоспитализираните тројца се на неинвазивна поддршка, а 12 на кислородна. Ова е потежок бран, со поголем број на хоспитализирани, меѓу кои има и помлади, што не беше случај претходно. Исто така хоспитализацијата на пациентите и нивното опоравување траат подолго. – изјави за OhridNews директорката на Кардиолошкиот завод Д-р Елена Коваческа Башуроска.

Во ковид центарот во Општа болница Охрид хоспитализирани се 95 пациенти. И таму висок е процентот на помлади пациенти во третиот ковид бран, а голем дел од нив се на кислородна поддрша.

Овој бран е посилен и многу потежок од претходните два. Капацитетите на Ковид центарот во Општа болница е речиси исполнет. Од 95 хоспитализирани, 70 се на кислородна поддршка. Дневно трошиме по 110 боци кислород, што е исклучително многу. Меѓу нив има и помлади пациенти, што не беше случај изминатиот период. Тоа говори за сериозноста на ситуацијата. – истакна во изјава за OhridNews Д-р Горан Балевски, директор на Општа Болница Охрид.

Балевски упати апел до граѓаните да бидат исклучително внимателни и да ги почитуваат мерките на заштита од Ковид 19, но и до јавните личности и политичарите да не манипулираат со податоците за епидемијата и да не поттикнуваат паника и недоверба во здравствениот систем кој сериозно е оптоварен и со крајни напори се справува со кризата.

Г. Момироски