Во изминатите 24 часа, во светот се потврдени повеќе од 740.000 нови случаи на заразени со новиот коронавирус, додека повеќе од 12.500 лица починаа, соопшти Светската здравствена организација (СЗО). Со тоа, вкупниот број на заразени лица се зголеми на 83,32 милиони, а починаа 1,83 милиони заболени.

Најголем број на новоинфицирани лица е регистриран во Јужна и Северна Америка, повеќе од 62 отсто, или 477.794. Следува Европа со 165.584 и Југоисточна Азија со 27.828 нови случаи.

Американската Влада ја разгледува можноста за вакцинирање на луѓе со половина доза од вакцината на фармацевтската компанија Модерна, во обид да се забрза вакцинацијата на населението, изјави денеска Мосиф Слои, шеф на државната операција Warp Speed.

Знаеме дека аплицирање на само половина од дозата на вакцината предизвикува идентичен имунолошки одговор кај луѓето на возраст од 15 до 55 години, изјави Слоу.

Ниту Модерна ниту американската Агенција за храна и лекови не беа подготвени да ги коментираат тие информации.

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести соопшти дека досега се вакцинирани 4.225.756 лица, а повеќе од 13 милиони вакцини се дистрибуирани низ САД.

Јапонскиот премиер Јошихиде Суга денеска изјави дека Владата ќе разгледа повик за прогласување вонредна состојба за Токио. Одлуката се очекува бидејќи случаите со коронавирус се зголемуваат и тежат врз здравствениот систем на земјата.

На 31 декември, Јапонија забележа рекордни нови 4.520 случаи од нов бран, што ги натера властите во главниот град Токио и три соседни префектури да побараат итна декларација од националната влада. Во регионот вчера беа регистрирани има повеќе од половина од случаите низ целата држава.

Премиерот Јошихиде Суга досега се спротивставуваше на тие повици, бидејќи сметаше и на потенцијална штета на економијата. Како привремена мерка, рестораните и баровите за караоке во областа Токио треба да се затворат во 20:00 часот, компаниите што нудат алкохол мораат да затворат во 19:00 часот.

Дури и за време на три дена од новогодишниот празник, случаите не паднаа значително во поголемиот дел од Токио. Сметаме дека е потребна посилна мерка, рече Суга на прес-конференција.

Тој истакна дека намалувањето на работното време во рестораните помогна да се запре зголемувањето на случаите во некои региони, вклучувајќи ги Осака и Хокаидо.

Новиот вид на коронавирусот, што прво беше откриен во Велика Британија, потврден е во најмалку 37 држави, јави Си-Ен-Ен.

Според експертите новиот вид полесно се пренесува, но нема докази дека е посмртоносен или да предизвикува потежок облик на болеста.

Новиот вид на коронавирусот покрај во Велика Британија потврден е и во Австралија, Белгија, Бразил, Канада, Чиле, Кина, Данска, Хонг Конг, Финска, Франција, Германија, Исланд, Индија и во Ирска.

Исто така регистриран е и во Израел, Италија, Јамајка, Јапонија, Јордан, Либан, Малта, Луксембург, Холандија, Нов Зеланд и во Норвешка.

Новиот вид на коронавирусот регистриран е и во Пакистан, Португалија, Обединети Арапски Емирати, Сингапур, Јужна Кореја, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Тајланд, Тајван, Турција, САД и во Виетнам.

OhridNews