Министерството за здравство информира дека КОВАКС системот преку допис ги соопштил деталите за првата испорака и типот на вакцината која ќе пристигне во нашата земја.

Како што стои во соопштението станува збор за вакцината AstraZeneca, од која првата количина за Македонија е планирано да пристигне во март. Од КОВАКС информираат дека за земјава се предвидени помеѓу 103.200 и 175.200 дози од оваа вакцина, од кои околу 35 отсто треба да пристигнат во првиот, а останатите во вториот квартал од годината.

Дополнително, се наведува во соопштението од МЗ, од КОВАКС информираат дека во првиот бран на достава на вакцината Pfizer BNT162b2 се вклучени само 18 учесници, а не се вклучени земјите кои започнале сопствени програми за вакцинација против Ковид-19. Од КОВАКС механизмот изјавуваат дека во идните фази на дистрибуција дози на Pfizer вакцината може да бидат вклучени и другите учесници во механизмот.

Министерството за здравство, потенцира дека системот е целосно подготвен да ги прими количините на вакцините преку КОВАКС механизмот, но истовремено обезбедува вакцини од други производители и преку други механизми. За таа цел, вчера во Собранието беа изгласани измените и дополнувањата на Законот за лекови и медицински средства кои се однесуваат на регистрација на вакцините против Ковид-19 во земјата, се наведува во соопштението.

Во однос на вакцинирањето, се истакнува, дека е развиена безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата. За вакцините за кои што е потребно одржување на стандарден ладен ланец од 2°С до 8°С се користи постојниот логистички систем. За вакцините кои имаат посебен температурен режим на прием, складирање и транспорт на температура пониска од -70°С или -20°С се надогради постојната мрежа со обезбедување соодветни ладилници.

Од Минисерството за здравство потенцираат дека системот за вакцинација е целосно подготвен. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се на првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртдн исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Во Македонија до сега не е пристигната ниту една вакцина против Ковид 19.

OhridNews