Возилото со кое била киднапирана и убиена Вања е пријавено за исчезнато уште на 22-ри ноември во МВР, а веќе на 24-ти е во Скопје, вели на денешната прес конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека има пропустите од МВР, за кои се очекува одговор.

Според досегашните познати информации, првоосомничениот Палевски извршил убиство врз велешанецот Панче Жежовски, му го земал возилото и со денови шетал слободно, по што извршил уште едно убиство и избегал. Зошто? Затоа што МВР направило серија на пропусти со ненавремено и непрофесионално расветлување на случајот со исчезнувањето на велешанецот Панче Жежовски, потенцира.

Додава дека МВР по пријавувањето на исчезнувањето на Панче од самиот почеток не преземале конкретни и сеопфатни оперативни мерки.

„Легитимно се поставуваат прашања за кои, повторувам, искажуваме сомнеж дека МВР направило пропусти во постапувањето и бараме МВР да одговори:

1. Дали се преземени мерки за детално пребарување на просторот, односно да се открие КАДЕ имало зрачење и да се открие телефонот, затоа што според свиркач, телефонот е пронајден дури после четири дена?

2. Дали се преземени детални мерки преку операторот на телефонскиот број на исчезнатиот за да се обработат листите на разговори кои ги остварило лицето во изминатите денови наназад?

3. Дали е точно дека од вештачењето на трагите на телефонот на исчезнатото лице се пронајдени траги на лице кое моментално е на издржување на казна затвор ?

4. Дали е точно ВНИМАВАЈТЕ – дека возилото на Панче било пријавено за исчезнато во МВР уште на 22-ри ноември (5 дена пред убиството на Вања), а министерот тврдеше дека потрага по возилото немало затоа што не знаеле дека било исчезнато заедно со Панче?

5. Зошто веднаш не е објавена централна потрага за возилото на исчезнатиот, кога за истото, покрај пријавата во МВР на 22-ри, дури и на веб-портал на 25-ти е посочено дека и возилото е исчезнато, а за кое повторувам – министерот за внатрешни тврдеше дека не знаеле дека е исчезнато заедно со исчезнатиот Панче?

6. И најважно – Дали е точно дека возилото со кое била убиена Вања било уште во петокот, односно три дена пред убиството, на скопските улици, спремно да биде искористено за убиство?“, наведува Ковачки.

Очигледно е дека се направени кардинални пропусти за кои ако МВР имаше навремен одговор, можеби убиството на исчезнатото лице Панче немало да биде спречено, но монструмите ќе биле спречени да направат уште погрозоморен чин!, додава Ковачки.

OhridNews