Деветтиот пакет антикризни мерки, во вредност од 662 милиони евра содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза, рече претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, на денешната прес-конференција на која што го презентираше пакетот во вредност од 662 милиони евра.

Со мерките се опфаќаат 120 000 млади лица, над 74 000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187 000 пензионери, 40 000 земјоделци, речиси 540 000 корисници на апликацијата мој ДДВ. 600 000 домаќинства, како и над 70 000 компании. Со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени пак над 338 000 пензионери и 106 000 вработени во администрацијата. За мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците издвоени се во износ од 156 милиони евра, рече Ковачевски.

Во овој пакет мерки, обезбедена е и поддршка за зголемување на ученичкиот стандард, за основците и средношколците од ранливи категории на семејства со ниски примања, до 50,000 денари.

Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра. 15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра. Во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, за самохрани родители – корисници на Гарантирана минимална помош и за родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓани, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.

Го штитиме, додаде Ковачевски и животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнуваме.

Во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187.000 пензионери.

Со новиот пакет е предвидена е и авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра.

Преку Програмата за енергетска сиромаштија, предвидени се 1 милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства. Предвидени се 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Поточно, поддршката за фотонапонски панели е до максимум 80.000 денари, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ. Со тоа ја реализираме нашата долгорочна определба за енергетска транзиција и зелен развој на земјата.

Продолжуваме и мерката за субвенционирање на струјата и се озможува субвенционирана цена на електричната енергија за 611.000 домаќинства и 68.000 мали потрошувачи, за што проценката е дека ќе бидат потребни 35 милиони евра.

Ја субвенционираме и цената на топлинската енергија. Парното за домаќинствата и компаниите, за 63.000 корисници во Скопје и оваа зима ќе биде обезбедена и субвенционирана, за што проценета е импликација од 7,4 милиони евра. Продолжуваме со Финансиската поддршка за сметките за струја која е предвидена за домаќинства со ниски приходи – корисници на ГМП и социјална пензија, за кои поддршката изнесува 1.200 денари месечно во наредните 6 месеци. Со оваа мерка се опфатени над 50.000 корисници со вкупен износ од 5,9 милиони евра. Обезбедени се средства за поврат на ДДВ, преку мерката „Мој ДДВ“, за што предвидовме зголемен праг до 2.100 денари за секое тромесечие поединечно. За оваа мерка предвидени се 42,2 милиони евра, а ќе опфатиме речиси 540.000 корисници.

Предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница.

Го прошируваме опсегот на компании корисници на гарантната шема од Гарантниот фонд на Развојната банка, преку олеснување на критериумите за аплицирање, за што се предвидени 39 милиони евра. Во соработка со Европската инвестициона банка предвидуваме поволна, седма кредитна линија за зелена транзиција вредна 100 милиони евра, за инвестиции во енергетска ефикасност и обновливи извори, по принципот 1+1.

Работниците се силата на економијата и на целото општество. Во овој пакет мерки обезбедивме финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари. Продолжува поддршката за јавниот сектор, за што вкупно се предвидени 14,9 милиони евра. Во соработката со Светска банка, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра.

Воедно, обезбедени се 5 милиони евра за Фонд за енергетска ефикасност во Развојната банка, а во соработка со Светската банка, со цел финансирање на проекти во енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, мерка која крајно треба да обезбеди за јавниот и приватниот сектор намалена потрошувачка на електрична енергија.

Покрај овие антикризни мерки продолжуваме и со системските мерки за ублажување на ефектите од ценовната и енергетска криза за што се предвидени 516 милиони евра и тоа 189 милиони во 2023 година, и 327 милиони евра во 2024 година. Од нив, 36,2 милиони евра за зголемувањата на платите во јавниот сектор преку усогласување со порастот на минималната плата и тоа за 2023 година. 52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува покачување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра, рече Ковачевски.

За 2023 година, додаде, обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери.

За 2024 година, за пензионерите и покачувањето на пензиите, согласно методологијата, одвоивме 178 милиони евра. Затоа што пензионерите заслужуваат достоинствена старост и затоа што заслужуваат системски решенија со кои континуирано ќе им растат примањата, потенцираше Ковачевски.

OhridNews