Автопатот Кичево-Охрид според Договорот одобрен во Собрание требаше да биде готов трипати досега и затоа треба убаво да се анализира зошто има толку голем број пропусти и во проектирањето и во други делови на активности, порача денеска премиерот Ковачевски.

По денешното пуштање на Поликлиниката Сарај одговорајќи на новинарско прашање премиерот изрази очекување дека сите договори ќе се почитуваат така како што се потпишани. И да се прави анекс на Договорот, како што рече, тој ќе мора да биде одобрен во Собранието, како што беше случај и со претходните анекси.

Ќе ви кажам еден податок. Трасата е така направена да на готови делови на автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта, значи цели ридови беа паднати врз новоизграден автопат. Е сега треба да се прашат проектантите како можеле да проектираат свлечиште кое што веднаш паѓа врз автопатот. Од она што го гледав во проектите, јас не сум архитект, меѓутоа што ми покажуваа стручни лица за таа работа, проектот кога е направен една од косините е така направена да почнува на автопатот кај Кичево, после Кичево, а завршува во Албанија колку високо е направена. Значи, имате и такви парадокси на тој автопат. Знаете, во почетокот тој е направен набрзина на некаков проект правен на гугл мапс и тоа беше стилот на работењето во тоа време – 2015, 2016 година, меѓутоа еве сега тој е веќе 80 проценти готов, но тие свлечишта ќе мора да се регулираат, изјави Ковачевски.

Во однос на прашањето дали до крајот на изградбата автопатот ќе чини 600 милиони евра тој рече дека тоа се прашања коишто можат да ги одговорат само од Министерството за транспорт и врски и ЈПДП, а во однос на тоа дали ќе треба да се дадат дополнителни средства ќе покажат анализите на експертите во државните институции и на пратениците во Собранието.

Претходно денес на прес конференција Синиша Ивановски, претседател на Комисија за инфраструктура, урбанизам и транспорт на ВМРО-ДПМНЕ, обвини дека никогаш не било полошо во областа на инфраструктурата во Македонија.

Никогаш помалку не се градело, а тоа што се гради никогаш не било  понеквалитетно. Никогаш и не се градело побавно. Следниов март навршуваат 10 години од почетокот на изградбата на автопатот од Кичево кон Охрид. Македонија со оваа власт на СДС и ДУИ, со 10 годишната агонија во неградењето на овој автопат освен што придонесуваат за стагнација на туризмот и економијата овој автопат стана мета на подбив во целиот регион. Не помниме влада со олку голем број на анекси на договори за зголемување на вредноста на капиталните проекти како и анекси за пролонгирање на роковите за изградба, кои да е комично, самите си ги задаваат роковите кои ги пробиваат, самите ги пробиваат, рече Ивановски, потенцирајќи ја и безбедноста во сообраќајот која вели никогаш не била полоша.

OhridNews