Со ревизија на проектот за изградба на автопатот Кичево-Охрид од страна на Државната ревизија ќе се решава деценискиот проблем со изградбата на оваа автопатска делница. Недозволиво е велат и премиерот Димитар Ковачевски и вицепремиерот Артан Груби десет години да не биде направен автопатот.
Сметам дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради веќе над десет години и сеуште да не биде направен и притоа да се бара пак продолжување кое треба да го гласаат пратениците, рече Ковачевски.
Од таа причина веќе ги информирав дел од колегите во Владата дека ќе барам ревизија од страна на Државната ревизија на овој проект врз основа на која ќе биде носена одлуката. И со оглед на тоа дека овој проект десет години не е завршен од низа причини од проектирање до изведба на самиот проект, знаете и дека од самиот почеток тој беше предмет на голем број контроверзии, сметам дека треба да се размислува и во насока на раскинување на овој договор и барање на изведувач кој ова ќе го направи на квалитетен начин, а не десет години да гледаме пат кој се прави, се инвестираат пари, а до сега нема ниту едно метро пуштено автопат на делницата Кичево Охрид.
Апсолутно задача и рок имаа изведувачите на овој проект согласно договорот кој е изгласан во Собранието, бидејќи уште од претходната Влада договорот претставува закон и секоја негова промена или анекс се одобрува од пратениците, посочи Ковачевски додавајќи дека после десет години е недозволиво пратениците повторно да разгледуваат продолжување на нешто што требало да се заврши пред многу години.
Затоа е потребна ревизија и една од опциите е и раскинување на договорот со изведувачот. Ревизијата ќе покаже кои се елементите што предизвикале да има толкаво доцнење на патот. Едно е ревизија од Државната ревизија, но во иднина ќе треба да се направи и ревизија на проектирањето, што го прават специјализирани компании, за да се види точно зошто се има случувано доцнењето и како тоа се појавуваат свлечишта кои не биле проектирани и постојано се одолговлекува работата со гласање на нови анекси во Собранието, потенцираше Ковачевски.
Неприфатливо е што автопатот Кичево-Охрид после речиси 10 години сеуште не е завршен, рече вицепремиерот Артан Груби.
2013 година проектот започна со 400 милиони евра, денеска е стигнат до над 600 милиони евра и нема еден метар асфалт пуштен во употреба. Истекува рокот на крај на годината и сметам дека е крајно време и Владата и Собранието да го разгледа тој договор па ако треба и нека се прекине и нека се даде на друг затоа што ова е веќе скандалозозно и неприфатливо. Треба да се почне кривична постапка за погрешно проектирање. 11 нови свлечишта на Кичево -Охрид, тоа е апсолутно неорифатливо. 10 години проект, да се случува, но намерни грешки при проектирањето и бесконечно одолговлекување на проектите, тоа ги чини живот граѓаните. Колку само сообраќајки имаме на овој пат. Ова е апсолутно неприфатливо и незнам како ќе гласаат пратениците на крај на декември по однос на продолжувањето на тој договор затоа што е скандалозен, истакна Груби.
Предолго се гради, премногу има проблеми и административните и законските пречки со кои се соочивме таму на изградбата на автопатот беа огромни, потенцираше Андреа Серафимовски, претседател на Здружение за градежништо.
Проблеми имавме со документацијата, но не сум повикан да одговарам зошто објектот го изведува странска компанија. Ние сакаме да ги заштитиме интересите на нашите компании кои работат како подизведувачи, кооперанти и доставувачи на материјали на овој објект. Иницијативите наши преточени во конкретни предлози ги доставуваме парцијално и многу пати сме имале состаноци и со Министерството за транспорт и врски и со Државното јавно претпријатие, но сега сакавме да биде се ова јавно да може сите да се запознаат што се случува, додаде Серафимовски.
Инаку, изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година. Требаше да биде готов до 2018 година, но по промената на власта, според образложението на надлежните институции, поради пропусти во проектирањето, со анекс на Договорот рокот беше продолжен до 30 јуни 2021. И тој рок беше продолжен до крајот на оваа година, исто така со анекс на Договорот.
Н.С.Ј.