Огромно е задоволството што после 17 години чекање, денес конечно ги отпочнуваме преговорите. Отвораме нови перспективи за државата и за граѓаните, и полека но сигурно се приклучуваме кон големото европско семејство, што е наша приоритетна стратешка цел децении наназад, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Тој денеска пред одржувањето на меѓувладината конференција во Брисел а по средбата со претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот на Чешка Петр Фиала, посочи оти верува дека овој нов почеток за регионот ќе значи просперитет и напредок.
Во пресрет на Меѓувладината конференција со која ги отвораме преговорите за членство на Северна Македонија во Европската Унија упатувам искрена благодарност до сите наши пријатели на Европска Унија, за нивната поддршка, вклученост и посветеност на европската интеграција на нашата држава. Нивната заложба беше клучна ние денеска тука во Брисел да го направиме првиот чекор кој ќе не одведе до полноправно членство во Унијата, рече премиерот.
Ковачевски напомена дека европскиот предлог кој е добиен преку широк консултативен процес го препознаа како најдобро можно решение кој, како што рече, од повеќе аспекти ги почитува и задржува црвените линии, а во исто време дава конечно почеток на преговорите. Потенцираше дека во него е прецизиран македонскиот јазик без никакви дополнувања и дообјаснувања.
Нашиот идентитет, јазик, култура и обичаи, како што потенцираше премиерот, и понатаму ќе останат наши автентични македонски и во Европската Унија, а тоа појасни, ќе биде поголемо богатсво за Унијата и обединување во различностите. Потенцираше оти очекува да имаме позитивен пример за најбрза интеграција на земјата во Европската Унија исто како што имавме најбрза интеграција на земјата во НАТО.
Денешното отворање на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија е успех на двете земји и на нивните граѓани. Тоа е резултат на истрајноста, посветеноста на европските вредности, покажаната отпорност и задржаната верба во пристапниот процес, порача денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Таа нагласи дека притоа двете земји го зацврстиле владеењето на правото, се бореле против корупцијата, имаат слободни медиуми, добро граѓанско општество, бројни реформи и ги модернизирале економиите.
Ги направивте сите овие промени не само затоа што беа потребни на вашиот пат кон ЕУ, туку пред се затоа што се добри за вашите земји. И тие веќе испорачуваат подобар и поквалитетен живот за вашите луѓе. ЕК ве поддржуваше на целот пат и ќе продлжиме така, рече Фон дер Лајен.
Претседателката на ЕК се осврна и на меѓувладината конференција што ќе се одржи денеска во Брисел.
По нејзиното одржување Комисијата и преговарачките тимови од Албанија и Северна Македонија ќе започнат со работа. Скринингот на законодавството на ЕУ ќе започне, тоа е првиот чекор од процесите и ќе им овозможи на Албанија и Северна Македонија да се запознаат со правата и обврските на нашата Унија, од спогодби преку законодавство, меѓународни договори и ќе продлжиме многу брзо со сето тоа, рече Фон дер Лајен.
Честитики за Северна Македонија и Албанија за овој успех. Иднината на ЕУ е со вас и е на дофат. Ви посакувам што е можно побрзо да се придвижите кон нашето семејство, изјави премиерот на Чешка, Петр Фиала како претставник од чешкото претседателство со Советот на ЕУ. Сите, порача Фиала, ќе бидеме посилни токму поради вашиот избор што неколкупати беше ставен на тест, нагласувајќи дека особено го ценат тоа што стоиме заедно со ЕУ и нејзините политики соочени со руската агресија.
Во денешна Европа мора да бидеме здружени што е можно повеќе. Чешка секогаш го поддржуваше проширувањето на ЕУ на Западен Балкан и тоа така и ќе остане. Почестени сме што ваков напредок се случува токму за време на нашето претседателство, но сепак мора да се заблагодариме и на француското претседателство за напорната работа и посветеноста, кои што ни дозволија да дојдеме до овој историски момент, истакна Фиала.
OhridNews