Задоволство од сработеното на работните групи кои резултираа со потпишување на три меморандуми доаѓа од Софија. Ресорните министри во рамки на заедничката седница на Македонската и Бугарската Влада потпишаа неколку билатерални договори.

Поконкретно, потпишани се Меморандум за развој на железничкото поврзување Скопје-Софија, преку формирање на заедничка работна група, со цел забрзување на изградбата на железничкиот Коридор 8 и Иницијатива за воспоставување на авиолинија – Софија – Скопје.  Министрите за транспорт и врски Благој Бочварски и Николај Сабев денеска во Софија потпишаа и Меморандум за либерализација на стоки за и од трети земји, а земјоделството и економијата се меѓу секторите, на кои интензивно ќе се работи претстојниот период. Потпишан беше и Меморандум за разбирање и соработка во областа на земјоделството, аграрните науки, селските реони и шумското стопанство од министрите за земјоделство Љупчо Николовски и Иван Иванов. Министрите за економија на двете земји Крешник Бектеши и Даниел Лорер, пак потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу ИАНМСП и Агенцијата за поттикнување на претприемништвото на државава.

Добрососедството ќе биде на пиедестал и ќе се посветиме на работи кои беа заборавени последните години. Меморандумите што денеска беа потпишани имаат еден краен резултат, а тоа е економски развој на целиот регион, порачаа премиерите на двете држави, Димитар Ковачевски и Кирил Петков на заедничка прес-конференција во Софија.

Имаме веќе три реални потпишани меморандуми за многу клучни прашања – прашања од областа на земјоделството, малите и средните претпријатија и развој на железничката врска Софија – Скопје. Тоа е пример за новиот пристап којшто ние го даваме со нова енергија и реални резултати, рече бугарскиот премиер Петков, додавајќи дека има огромна синергија и предности за добрососедство.

Двајцата премиери оценија дека е добро што веќе има план за неделни средби на секториските групи и дека брзо може да се постигне сето она што е испуштено во изминатиот период.  На првите средби на работните групи ќе присуствуваат и претставници од стопанските комори и од образовните и културните институции.

Изразено беше задоволство од двете страни и од историската комисија која ќе ги интензивира активностите во следниот период. Заедничката комисија за историски прашања ќе има нов режим на интензивна работа со договорени три официјални средби во следните  четири месеци која ќе работи во контруктивен тон со цел достигнување на реални резултати, изјави Петков. Тој наведе и дека во бугарскиот тим од Историската комисија нема да има кадровски промени.

Денеска кога секоја од групите ги презентираше резултатите кои треба да ги постигнат и задачите, кај историската комисија ние со Димитар забележавме друго ниво на ентузијазам за работа и определување на нов режим за работа. Тоа што ќе имаме три официјални средби за следните четири месеци, плус многу интензивна работа меѓу тие средби, дава друг ритам на работата што треба да се заврши. Професорите од двете страни кажаа дека се подготвени овој нов начин на работа да се претвори во конструктивен тон. Ние нема да правиме кадровски промени, но тоа што ме израдува е дека Историската комисија е една од работните групи која ќе работи во контруктивен тон и достигнување на реални резултати, рече Петков одговарајќи на новинарско прашање по заедничлката седница на владите на Северна Македонија и Бугарија, прашан за унапредување на дијалогот на Историската комисија и дали ќе има персонални промени во составот на бугарскиот дел од Комисијата.

Премиерот Димитар Ковачевски на својот Фејсбук профил  денешната заедничка седница ја оцена како успешна и плодна и очекува веќе за шест месеци конкретни резултати од работните групи во сите области. Тој додава дека денешните средби со премиерот Петков и министрите од двете Влади, го увериле дека постои волја кај двете страни за брз напредок во меѓусебните односи.

Јас и Кирил сме нови премиери, и имаме одговорност, но и силна желба да успееме во оваа наша амбиција. Силно верувам дека ова ново поглавје во односите меѓу нашите две пријателски земји ќе донесе напредок, развој и долгорочни придобивки за двата народи, вели премиерот Ковачевски заблагодарувајќи се уште еднаш за гостопримството на бугарскиот колега Петков. 

Заедничката седница следеше по минатонеделната официјална посета на бугарскиот премиер Петков на Скопје кога беше договорено формирање на работни групи од двете страни, кои треба интензивно да работат за надминување на недоразбирањата и за зајакнување на соработката меѓу двете земји.

 

OhridNews