Во услови кога имаме здравствена, енергетска и економска криза, е целосно неполезно да се бараат избори, изјави премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Канал 5, во врска со барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори.

Немате ново што да понудите, туку само повторувате секој ден  дека треба избори. Јас понудив соработка, ги повикувам опозицијата, академијата, стопанските комори, синдикатите… заедно да сработиме во услови на криза за да имаме помали последици во стопанството, вратата е отворена за сите кои сакаат да помогнат. Но, барањата на ВМРО ДПМНЕ за избори не се основани, рече Ковачевски.

Тој нагласи дека нема да прифати уцени за тоа што би се разговарало на евентуална средба со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Ќе контактирам со Мицкоски, ќе му се јавам, јас кажав под уцени нема да разговараме. Но, јас како премиер морам да разговарам со сите, но сега фокусот е на енергетската криза и на сето она што ни се случува во државата. И тоа се надевам ќе го прифати како аргумент и ќе разговараме, изјави премиерот Ковачевски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вчера во Охрид повторно го искажа барањето за предвремени парламентарни избори и најави дека наскоро ќе предложат и активности во насока на што поскоро распишување на нови избори, односно дека до Парламентот ќе достават предлог за измени на Изборниот законик со кои ќе се бара да  нема техничка Влада.

 

OhridNews