Премиерот Димитар Ковачевски соопшти дека денеска нема да има средби со лидерите на Алијанса за Албанците и на Алтернатива – Арбен Таравари и Африм Гаши.

Работната група која едногласно ја формиравме на Извршниот одбор на СДСМ работи на подготовка на можност за влез на нов партнер во Владата, рече Ковачевски и додаде дека денеска попладне има закажано телефонски разговор со висок претставник на Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави.

Одговарајќи на новинарски прашања по посетата на компанијата „Виталија“ во Скопје, Ковачевски го коментираше и иселувањето од државава, за што сведочат и бројките на ученици отпишани од училиштата особено во помали општини. Премиерот одговори дека тие деца не се запишале во второ полугодие во нивните училишта затоа што нивните родители отишле да работат во земја членка на Европската Унија и дека затоа е важно обединувањето околу концептот за европска Македонија.

Затоа велам дека ние сите во државата, сите политичари, општествени чинители, мора да се обединиме околу концептот за европска Македонија. Тоа значи носење одлуки во Собранието со кои го продолжуваме нашиот пат за полноправно членство во ЕУ и зачленување на Северна Македонија до 2030 како полноправна членка во Европската Унија. Бидејќи нашите граѓани сакаат да живеат во земја членка на Унијата, каде што платите се поголеми, а тоа е резултатот од зачленувањето на сите држави во ЕУ кои претходно не биле… да живеат во земја на ЕУ ама тука, дома, во Македонија, а не во земја на ЕУ во туѓина. И јас не отстапувам од патот за ЕУ, на каква било позиција да сум во државата, рече Ковачевски.

На новинарско прашање колку чинела организацијата на дводневната конференција за една година од сегашниот состав на Владата, одговори дека кога ќе ги имаат податоците владината прес-служба ќе ги соопшти.

OhridNews