Денеска започнува силна градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8. Камен-темелникот на Коридорот 8 не е само почеток на нова патна инфраструктура, тоа е камен-темелник и на нови инвестиции, отворање нови пазари, можност за нови соработки како меѓу домашните, така и со меѓународни компании, рече премиерот Димитар Ковачевски денеска во Тетово каде присуствуваше на поставување камен-темелник на проектот Коридор 8.

Изградбата на Коридорот 8 значи помалку трошоци за транспорт, побрз транспорт, поврзување и интеграција на Северна Македонија, како и економски и регионален развој на земјава. Изградбата на модерен, современ автопат Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, Требениште – Струга – Ќафасан, денеска покажува дека е конкретна, реална и остварлива цел која е во интерес на граѓаните, за нивен подобар живот и просперитет на бизнис заедницата. Секој автопат носи можност за нови бизниси и економски развој. Нови бензински пумпи, нови хотели, ресторани, деловни објекти, повеќе вработувања, подобро платени работни места, поголема конкуренција и побрз развој, потенцираше Ковачевски.

Потенцираше дека изградбата на Коридорот 8 значи поврзување на државата со другите земји од Европа, значи странски инвестиции, економски развој на земјата, побрз трансфер на луѓе и роба, развиен туризам и пред сè безбедни и сигурни патишта за граѓаните.

Коридорот 8 и коридорот 10д се најголемиот инфраструктурен проект досега во нашата држава во патниот сектор. Вредноста на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10д изнесува 1,3 милијарди евра. Ќе се градат четири автопатски делници во вкупна должина од околу 110 километри. Со изградбата на автопатите нашата држава ќе биде поврзана со уште две пристаништа. Пристаништето во Драч и пристаништето во Бургас и тоа за нас е одлична можност и перспектива за развој. Северна Македонија ако досега беше кружен тек, сега со овој коридор 8 станува вистинска крстосница на Балканот, потенцираше Ковачевски.

Тоа е нашата иднина, единствено со вложување во капитални проекти обезбедуваме можности за стопанството, за бизнис заедницата, вложуваме во функционално, модерно, патно поврзување на целиот овој регион, рече Ковачески додавајќи дека оваа инвестиција на Северна Македонија ѝ отвора нови европски рути и воспоставува поврзување со регионот, што е од исклучителна важност за нашата економија.

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски посочи дека со изградбата на овој најголем капитален инфрастуруктурен проект досега во земјава ја испишуваме историјата  како модерна и европска земја.

Денеска најавуваме старт на изградбата на првата од четирите автопатски делници Тетово – Гостивар со должина од 17,5 километри, а веќе следната недела ќе ја најавиме изградбата на делницата Прилеп – Битола од Коридорот 10 д. Истиот месец стартуваат и градежните работи на делницата Гостивар – Букојчани во должина од 30,3 километри, а според договорот предвидовме изградба на делницата Требениште – Струга – Ќафасан во должина од 21,7 километри која што исто така ќе започне во тек на оваа година, посочи Бочварски.

OhridNews