Премиерот Димитар Ковачески и министерот за образование Јетон Шаќири денеска во Струга го посетија основното училиште „Браќа Миладиновци“ каде комплетно се реновирани училниците и ходниците, а објектот доби и термоизолациска фасада, за што биле инвестирани над 660 илјади евра, буџетски средства.
Ова училиште е вистински пример за мултиетничност и за успешен соживот. Во изминатите пет децении тука растеле и се образувале генерации и генерации, учејќи на својот мајчин јазик, на македонски, албански и на турски и на тој начин ги негувале различностите и взаемната доверба и почит. Денес училиштето има над 1.200 ученици, од различна етничка припадност, меѓутоа можевме да се увериме на часовите кои ги посетивме работат, учат заедно и разменуваат многу убави работи, многу убави настани од нивните култури кои подоцна заедно ги учат, забележа Ковачевски.
Образованието, нагласи, е еден од главните столбови и затоа, потсети дека вложуваат напори и средства за негово постојано подобрување и усовршување.
Без образовани генерации нема прогрес. Затоа и инвестираме во современи училишта и квалитетен наставно-образовен процес. Само во последните две години, со реконструктивни активности за кои беа обезбедени буџетски средства, опфатени се 120 училишни објекти, а изградени се и 43 училишни спортски сали во основни и средни училишта, рече Ковачевски.
Преку грант од Банката за развој при Советот на Европа во висина од три милиони евра информира дека е предвидена реконструкција на 30 постоечки училишни спортски сали во основни и средни училишта и набавка на нова спортска опрема за вкупно 50 спортски сали во состав на основните училишта.
Дел од пренаменетите 32,5 милиони евра буџетските средства за општините односно над шест милиони евра, се токму за проекти наменети за реконструкција и изградба на училишта и спортски сали во оние општини каде што е најпотребно, додаде премиерот.
Претседателот на Владата потсети и на зголемените плати на наставниците за околу 40 отсто, во последните две години и на административно-техничкиот кадар кој земал минимална плата.
Министерот за образование Шаќири, кој бил ученик во ова училиште изрази задоволство за подобрените стандарди за настава и за работа.
Исклучително сум задоволен од тоа што досега е реализирано во делот на капиталните инвестиции. Ќе потсетам дека само во изминатиот период од две години, со реконструктивни активности опфативме над 120 училишни објекти, изградивме пет нови објекти, седум нови спортски сали во склоп на училишта, а набавивме и нови кабинети по природни науки, историја и географија за сите училишта. Годишните буџети надминуваа една милијарда денари и имавме реализација од над 95 проценти, рече Шаќири.
Тој вети дека грижата за образованието ќе продолжи и во иднина.
OhridNews