Поранешната пратеничка и екс- потпретседателка на СДСМ, Фросина Ременски и Заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски ги поднесоа своите кандидатури за лидерската позиција на СДСМ до  Централната изборна комисија.

Ременски, коментирајќи ја кандидатурата на заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски за лидерската позиција во СДСМ, таа рече дека е разбирливо Ковачевски како член на Владата да ја има поддршката, но не мисли дека оваа борба би била на спротивставени идеи, туку борба на умови.
Ременски истакна дека цел и мотив за нејзината кандидатура за претседател на партијата се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.

Ковачевски  при поднесување на кандидатурата истакна дека една од неговите заложби ќе биде враќањето на единството во партијата, ефикасноста и одговорноста како и подобрувањето на животниот стандард на граѓаните, согласно неговата програма „Заедно одговорно, посветено“ која се базира на три клучни столба.

Согласно роковите ја поднесов мојата кандидатура до партијата во која ја доставив мојата визија и програма која има наслов „Заедно, одговорно и посветено“. Оваа платформа, оваа програма се базира на три основни столба, а тоа е социјалдемократската визија, јасни социјалдемократски вредности од кои извираат принципите, вредностите на работењето и резултатите кои следуваат од него, потоа економски раст, односно посветеност кон економските политики и зголемување на животниот стандард на граѓаните и трето, фер шанса и јасен и правичен систем со одговорност во кој најдобрите ја добиваат одговорноста и шансата за исполнување на сите проекти ветени пред граѓаните, порача Ковачевски.

Вонредните внатрепартиски избори по оставката од досегашниот лидер на партијата Зоран Заев ќе се одржат на 12 декември.

 

OhridNews