Димитар Ковачевски на денешната седница на партискиот Извршен одбор официјално го потврдил повлекувањето од функцијата претседател на СДСМ и побарал свикување конгрес и организирање внатрепартиски избори.
Ковачевски го потврди повлекувањето на денешната седница на партискиот Извршен одбор на СДСМ која ја најави на 8 мај, како високо морален чин и согласно Статутот на партија иницираше свикување конгрес заради анализа на изборните резултати и изјаснување за довербата на органите на СДСМ, избрани од конгресот, со оглед на изборните резултати, информира СДСМ.
На парламентарните и претседателските избори СДСМ доживеа пораз, со што му е зададен тежок удар, не само од граѓаните, туку и од симпатизерите, дел од сегашните, како и од доскорешни членови на партијата организирани во друг политички субјект, а стимулирани и од поранешни носители на високи партиски функции. И јас и партиското раководство имаме одговорност, исто како што имаат одговорност и сите именувани и избрани функционери, вклучително и сите партиски функционери на локално и централно ниво. Никој реално не е без одговорност, стои во дописот на Ковачевски до Извршниот одбор и претседавачот на Централниот одбор, Славјанка Петровска.
Овој резултат и креираното јавно мислење беше очигледно уште на локалните избори во 2021 година кога СДСМ доживеа пораз, по што партијата не направи анализа на изборните резултати како што налага Статутот и не ги лоцираше причините за поразот за да се извлечат соодветни поуки, посочува Ковачевски.
СДСМ ќе треба добро да погледне навнатре, да размисли што направивме и кои се резултатите и слабостите во последните 4 години, можеби и во последните 7 години. И уште поважно, што е тоа што треба да се направи за да ја обновиме и вратиме довербата на граѓаните што ја изгубивме. Процесот на обнова мора да е на сите нивоа. Тој процес не смее да биде долг, но никако ни брзоплет, стихиен и експресен. Тој процес на длабока внатрешна промена и консолидација може да го изведат само оние кои се подготвени да се жртвуваат за иднината на партијата и демократијата во државата. Оние кои немаат багаж од било каков вид, особено не такви карактеристики, заради кои граѓаните го испратија СДСМ во опозиција и на локално и на централно ниво, смета Ковачевски.
Тој на одговорност го повика целокупното раководство на партијата по вертикала од членовите на раководството, преку централните партиски органи, се до општинските органи на раководење на партијата.
Ваквиот чин е редовна постапка во сите европски и светски демократии, каква претендираме да бидеме и ние и треба да биде пракса на сите раководства на партијата по изборен неуспех, додава Ковачевски.
Тој побара од партиските органи да ги донесат сите потребни одлуки, акти и постапки согласно статутот на партијата посочувајќи дека по конгресот и внатрепартиските избори треба да следат чекори на консолидација на СДСМ.
Првиот чекор во консолидацијата на СДСМ мора да биде обновување на идеолошката и вредносна матрица која ќе ги собере сите прогресивни сили на левиот центар во државата. Вториот чекор, треба да биде длабока кадровска промена и создавање на силен кадровски потенцијал, со вистински и докажани социјалдемократи, со вредности и знаење, со чесност и енергија, со мотив и со искреност кон партијата. Во овој процес на обнова согласно статутот мора сите да работиме со разум, искрено и со срце, без тесногради и ситни лични интереси. Треба да работиме во партиски интерес и да мотивираме во органите и телата на партијата да се вклучат лица кои ќе бидат препознаени од членовите на партијата и од граѓаните како автентични социјалдемократи, чиешто однесување е водено од принципите и вредностите на социјалдемократијата. И трето, да се реформира организациската поставеност на партијата која ќе овозможи целосно консолидирање на СДСМ и враќање на победничките патеки, стои во дописот на Ковачевски до СДСМ.
OhridNews