Мандаторот за состав на новата влада и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, денеска напладне на претседателот на Собранието, Талат Џафери, официјално му ги достави Предлог – составот и Предлог-програмата за работа на новата Влада.
Составот на владата ги има имињата коишто вчера ги соопштивме од СДСМ, од ДУИ, ЛДП и од Алтернатива. Ресорите се согласно со преземените одговорности во Владата и во согласност со Програмата на владата. Програмата е континуитет на изборниот легитимитет којшто е добиен на изборите 2020 година со тоа што се вградени економските определби на новиот коалициски партнер Алтернатива, како и нови програмски цели коишто произлегоа од новите предизвици коишто се наоѓаат пред оваа влада, истакна Ковачевски.
Според него, клучен и прв приоритет на Владата ќе биде справување со енергетската криза во државата која што е европска енергетска криза и која што се чувствува и во РСМ.
Втор приоритет е задржување на животниот стандард на граѓаните и на компаниите во светло на економската криза која што произлегува од енергетската криза и трето е исполнување на целите во однос на големите инфраструктурни проекти коишто се одобрени во Буџетот за 2022 година, како и во законските решенија коишто беа одобрени во Собранието на РСМ во декември, рече претседателот на СДСМ и мандатар Ковачевски..
Тој одговарајќи на новинарско прашање зошто одлучил да направи компромис и во новата влада да задржи дел од претходните министри истакна дека во донесувањето на одлуките се водел од принципите на исполнување на обврските, капацитетот на личностите коишто го имаат и на перформансите што ги имале во изминатиот период на водење на одредени ресори.
Предлогот беше таков да имаме нови министри што ќе преземат одредени ресори, имаме ротации на министри коишто од еден ресор одат во друг. Прво, заради тоа што дел од нив се покажале како ефикасни и ефективни во извршувањето на своите задачи кога го извршувале тој ресор во една од изминатите влади. Во друг случај кога одреден министер сметам дека според неговите професионални перформанси, според неговите академски остварувања и според минатото искуство одговараат повеќе на друг ресор. Во однос на одредени решенија коишто остануваат во истите ресори тоа е затоа што врз основа на направена анализа се гледа зголемување на перформансите во министерствата каде што управувале, се гледа дека ги имаат подигнато стандардите на работење и ги имаат реализирано делот на оперативните и делот на капиталните инвестиции на високо ниво во однос на планот којшто го имале во текот на 2020 и 2021 година, рече Ковачевски.
Седницата на која ќе се избира новата влада, како што најавил Џафери на денешната средба со мандатарот Ковачевски, треба да се одржи во сабота, на 15 јануари, со почеток од 11 часот.
Согласно Законот, Владата ја избира и разрешува Собранието на Република Македонија со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. При предлагањето на составот на Владата, мандаторот предлага министри за секое од министерствата утврдени со закон и министри без ресор. Владата стапува на должност со денот на изборот.
OhridNews