Премиерот Димитар Ковачевски денеска изјави дека во добиениот француски предлог за тргање на бугарското вето за ЕУ се инкорпорирани нашите забелешки и оти претставува солидна основа за градење став.

Позицијата во која сега се наоѓаме е далеку поповолна за нас. Нашата позиција и стратегија дадоа резултат. Пред нас имаме предлог кој ги инкорпорира нашите забелешки и јасно изградени ставови. Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења во различни форми, сметам дека потонаа. Како влада доследно се држевме до државните позиции во однос на преговорите со Бугарија, во секој поглед изјави Ковачевски.

Додава дека во европскиот предлог има дефинирано позиции за јасно и недвосмислено прифаќање на македонскиот јазик, како и протоколот да не биде во преговарачката рамка.

Многу важно позиција за понатамошно и отпочнува безусловно на преговарачкиот процес и одржување на меѓувладината конференција со Европската Унија, исто така е инкорпориран во предлогот кој е доставен кај нас. Одлуката за нашата иднина ќе ја донесеме ние, на принцип на заеднички позиции, мериторна основа, согласно стратешките интереси на државата и на сите нејзини граѓани, рече Ковачевски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека сите претседатели на партиите го кажале својот став и сите имаат „државнички став“ во однос на прашањето.

Изјавата Ковачевски ја даде по средбата со коалициските партнери на која министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот Бојан Маричиќ го образложиле предлогот во детали, имајќи ги предвид и нашите стратешки определби.

Ковачевски рече дека ова е прва од низата средби што ќе се одржат во врска со предлогот: со претседателот на државата, со опозицијата, граѓанското општество, медиумите.

OhridNews