Европските интеграции се иднината на целиот Западен Балкан. За земјите од регионот тоа значи подобрување на квалитетот на животот на граѓаните и обезбедување предвидливост во безбедноста и стабилноста, изјави премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски за српскиот весник „Политика“.

По војната во Украина, тоа стана јасно и за Европската Унија. Ние сме географски дел од Европа и ни треба единство во надворешната политика, особено кога станува збор за одбрана на мирот и демократските вредности. Воопшто не е далеку ова да се постигне во 2030 година. Напротив, тоа е рационална и остварлива цел, рече Ковачевски.

Прашан во контекст на промената на Уставот и како го гледа натамошниот развој на евроинтеграциите, Ковачевски посочува дека земјава чекори по европскиот пат, додавајќи дека во тек е билатерален скрининг и дека годинава очекува нов пробив во евроинтеграциите. Очекувањата ги темели, како што наведува, на определбата на мнозинството граѓани во земјава за членство во ЕУ.

Зборувајќи за односите меѓу Белград и Скопје, Ковачевски забележува дека во тешките моменти вистинските пријателства доаѓаат до израз и укажува дека пандемијата и светската економска криза ги потврдиле добрите односи меѓу двете земји.

Взаемното почитување создава основа за понатамошен развој на нашите добрососедски односи. Заеднички ги решаваме сите предизвици што ни ги наметна светската криза од војната во Украина, рече премиерот Ковачевски.

Тој посочи дека е во редовен, понекогаш и секојдневен контакт со српскиот претседател Александар Вучиќ и со албанскиот премиер Еди Рама.

Ова пријателство не само што изненади многумина, туку верувам дека ќе послужи како инспирација за градење добрососедски односи, смета Ковачевски.

На прашањето како може да произлезе мир од вителот на овие настани на светската политичка сцена и дали ова е шанса за малите држави како Северна Македонија и Србија, кои заедно со Албанија припаѓаат на иницијативата „Отворен Балкан“, Ковачевски рече дека решението на секое отворено прашање мора да биде исклучиво преку дијалог.

Неразбирливо е оружјето да се користи во 21 век, да страдаат невини луѓе и да се доведува во прашање светскиот мир. Особено е неприфатливо географски поголема држава да применува сила против помала демократски определена држава, обидувајќи се да ја загрози нејзината независност и територијален интегритет, подвлече Ковачевски.

Тој посочи дека Северна Македонија, Србија и Албанија ја подобруваат регионалната соработка во рамките на иницијативата „Отворен Балкан“, а со тоа ја зајакнуваат меѓусебната доверба.

Отворениот Балкан и Берлинскиот процес се регионални иницијативи кои не зближуваат и не охрабруваат да одржиме остар фокус на одржување на стабилноста и безбедноста на регионот, како и на заедничката стратешка цел – европската интеграција, заклучи Ковачевски.

OhridNews