Мерката „гарантирани цени“ не зависи само од донесувањето на законот за нефер трговски практики, туку и од движењето на цените на пазарот, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски. Според него, цените и маржите се следат, во тој сегмент се соработува со експертската фела, а одлуките се носат зависно од проценката.
Како што напомена Ковачевски, одговорајќи на новинарски прашања по посетата на Клиниката за ортопедски болести, законот за нефер трговски практики во чие изготвување и тој лично учествувал, сигурно ќе оди во процедура. Законот е, нагласи, одличен и со него ќе се ограничи можноста за профитирање на грбот на граѓаните.
Таа мерка ќе зависи не само од законот за нефер трговски практики, туку и од движењето на цените на пазарот. Ние во Министерството за економија имаме колеги, соработуваме и со професори кои го следат движењето на маржите и на цените во ланецот на продажба, од производство до крајот, и зависно од проценката се носат одлуките дали ќе продолжи или нема да продолжи, а законот сигурно ќе оди во процедура. Јас лично имам учествувано во правењето на тој закон и сметам дека е одличен закон во кој ќе се ограничи можноста за профитирање на грбот на граѓаните, подвлече премиерот.
Откако на 20 септември 2023 година стапи во сила, мерката „гарантирана цена“ продолжи да важи до крајот на 2023 година, наместо до 30 ноември, како што првично беше предвидено. Потоа, министерот за економија Крешник Бектеши најави дека мерката ќе се применува и во јануари 2024-та, односно до донесувањето на законот за нефер трговски практики.
Меѓу производите опфатени со „гарантираната цена“ се стандардните типови леб, брашно, ориз, млеко и јогурт, дел од месото и млечните производи, јајцата, безалкохолните пијалаци, пивото и флашираната вода, бисквитите, наполитанките, овошјето, зеленчукот,… Тие, согласно владината одлука, треба да имаат 10 отсто пониски цени во однос на цените што важеле за нив во маркетите на 1 август 2023.
OhridNews